• недела, 03 ноември 2024

Дискусија за филмска едукација во рамки на „Beach Film Festival“ во Охрид

Дискусија за филмска едукација во рамки на „Beach Film Festival“ во Охрид

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) - Во рамки на седмото издание на Фестивалот на нов европски филм „Beach Film Festival“ во Охрид денеска на бродот „Армада“ ќе се одржи панел дискусија на тема „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“, во организација на Кинотека и Гете-Институт.

- Оваа панел дискусија е дел од проектот „ФилмЕД“ (filmED) кој има за цел да развие и имплементира програми за обука за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаења и практики за воведување на филмското образование во наставните програми. Методологиите и практиките развиени во рамките на проектот преку веб-платформа ќе бидат достапни за сите оние кои сакаат да имплементираат филмска едукација наменета за деца од различни возрасти, истакнуваат од организацијата.

Според организаторите, потребно е да се постави прашањето кои практики би биле од голема корист за просветните работници и наставниците во обидите да го интегрираат филмското образование во нивните програми.

Учесници на панел дискусијата ќе бидат Дамјана Патчева, виш филмолог во Кинотека, Саша Станишиќ, режисер и координатор на „Филмска училница FIMAY“, Гордана Бабоска, стручен соработник за образовна соработка во Гете-институт Скопје, Ана Опачиќ, директор на фестивалот БФФ, Ивана Маховска-Шикалеска, наставник во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид и Емилија Ристановска, наставник во Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. мд/дма/

Фото: Фејсбук на „Beach Film Festival“

Остани поврзан