Директорот на ФБИ најави оставка на крајот на мандатот на Бајден
- Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Кристофер Реј ќе поднесе оставка кога ќе истече мандатот на администрацијата на претседателот Џо Бајден, соопштија од седиштето на американската безбедносна агенција.
Вашингтон, 12 декември 2024 (МИА) - Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Кристофер Реј ќе поднесе оставка кога ќе истече мандатот на администрацијата на претседателот Џо Бајден, соопштија од седиштето на американската безбедносна агенција.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп претходно најави дека ќе го номинира Кеш Пател за таа функција, иако Реј има уште три години од неговиот 10-годишен мандат.
-По неколку недели внимателно размислување, решив дека вистинската работа што треба да ја направам за Бирото е да служам до крајот на сегашната администрација и потоа да се повлечам. Мојата цел е да останам фокусиран на нашата мисија - незаменливата работа што ја правиме секој ден во име на американскиот народ, нагласи Реј.
Реј дојде на чело на агенцијата откако Трамп го отпушти директорот Џејмс Коми, по истрагата под негова контрола за руското мешање во изборите во 2016 година.
По победата на изборите, Трамп најави дека ќе го разреши Реј и ќе го замени со Пател, кој вети дека ќе ја искорени она што тој го нарече „длабока држава“ и дека мисијата на агенцијата повторно ќе стане спроведување на законот. Под водство на Реј, ФБИ ја спроведе најголемата истрага во својата долга историја за нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година, што доведе до апсење на повеќе од 1.500 лица. мс/
фото: МИА архива