• недела, 22 декември 2024

Директорот на АНБ ги исполнува условите согласно законот, тврди премиерот Мицкоски

Директорот на АНБ ги исполнува условите согласно законот, тврди премиерот Мицкоски

Скопје, 27 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски ги исполнува условите согласно законот. Ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ. 

- Тврдам дека сите услови согласно закон се исполнети. Едииствен орган којшто треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија која ја повикувам да го истражи брзо овој случај. Убеден дека тој ги исполнува условите. Зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Документот е издаден од 2022 година, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа Агенција, тоа е сосема друго прашање, рече Мицкоски по денешните обвинувања од опозициската СДСМ дека е фалсификуван сертификатот по англиски јазик на Христовски. 

Мицкоски рече дека доколку се утврди пропуст во случајот со Христовски, ќе побара одговорност. 

- Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во броба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Но, притисокот којшто доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ и ДУИ кои треба да не натераат да работиме под пристиок, дополнително ме мотивира, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.

Од опозициската СДСМ денеска повторно побараа оставка од директорот на АНБ затоа што, како што посочија, тој имал фалсификуван сертификат за англиски јазик. 

- Користење на фалсификуван документ е криминал, а не само законски пропуст.  Христовски нема соодветен меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ за да ја добие функцијата. Ова претставува кршење на законот и кривично дело за кое мора да одговара. Повикувам ЈО да отвори постапка. Скандалозно е што лицето кое извршило кривично дело било државен советник за криминалистички работи во МВР. Ова поставување ги загрозува сите принципи на безбедност и интегритет во институциите. Како е можно личност со таква историја и нарушен интегритет да се најде на врвот на АНБ? Ова е крајно опасно и создава ризици за националната безбедност, рече Методија Илиевски на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Освен оставка од Христовски, СДСМ бара итна реакција од Антикоруцпската комисија и оставка и одговорност и од премиерот Христијан Мицкоски за партизирација на институциите со поставување на лица без квалификации и нарушен интегритет.

Бугарски Фактор соопшти дека проверката на нивните новинари покажала дека во Пловдив не постои овластен центар за полагање и издавање на меѓународно признат сертификат за ТОЕФЛ, а според регистерот на училиштата во Бугарија нема ни училиште со називот Language School Julia Cо.LTD. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан