• четврток, 21 ноември 2024

Директорката на УЈП Елена Петрова на работна средба со шефот на мисијата на ММФ од Вашингтон Анет Кјобе

Директорката на УЈП Елена Петрова на работна средба со шефот на мисијата на ММФ од Вашингтон Анет Кјобе

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Директорката на УЈП Елена Петрова, со нејзиниот тим задолжен за наплатата на даночните приходи, се сретнаа со претставниците на мисијата на ММФ во земјата, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе, информираат од Управата.

Во фокусот на разговорите била наплатата на приходите во првите три квартали од годинава, очекувањата до крајот на 2024 година и проекција на приходите за идната година.  Освен тоа, се разговарало и за реформите кои се спроведуваат во рамки на УЈП, за активностите за справување со неформалната економија, како и процесот на дигитализација, со цел зголемување на приходите преку поголема наплата на даноците.

Директорката Петрова информирала дека во месец септември годинава, како и кумулативно во периодот е остварен планот за наплата и има поголема наплата на даноците во споредба со наплатата во 2023 година.

-Во септември 2024 година наплатени се 10,4 милијарди денари, што е 2,2 милијарди денари повеќе наплатени даночни приходи во однос на истиот период лани, истакнала таа.

Директорката Петрова ги запознала членовите на мисијата со преземените мерки и активности за проактивно управување со даночната дисциплина за даночните обврски кои доспеваат во овој период, како и дека ќе продолжи засилениот фокус до крајот на годината за наплата на приходите преку превентивни мерки и мерки за брзо интервенирање во законските рокови за плаќање на обврските.

Воедно, таа истакнала дека УЈП работи на целосна имплементација на концептот управување со ризиците на даночна усогласеност, за што во претходните три месеци УЈП организираше и до крајот на годината ќе продолжи со таргетирани кампањи за стопански дејности кои се актуелни за сезоната.

-Во однос на реформите, во завршна фаза е подготовката на Програмата на УЈП во која се инкорпорирани стратешките и реформските цели на УЈП и истата се заснова на 4-Д клучни области, односно даночни приходи, даночни обврзници, даночна администрација и дигитализација. Реформите треба да обезбедат мобилизација на даночните приходи преку проширување на даночната база со зафаќање во нефромалната економија, но и во формалниот сектор преку детектирање и справување со избегнувањето плаќање даноци, погрешно толкување и примена на даночната регулатива и други форми на даночна неусогласеност. Исто така, се очекува подобра наплата на даноците и како резултат на мерките за зголемена даночна свест и даночен морал кај даночните обврзници, а воедно и како резултат на автоматизација на процесите и поефикасно работење на УЈП, користење на современи аналитички алатки и сл., се вели во соопштението од УЈП. 

На средбата на Петрова и Кјобе, како што информираат од УЈП, присуствувале и член на мисијата од Вашингтон (Yuan Xiao), како и локалните економисти во Канцеларијата на ММФ во Скопје, Симона Ковачевска Стефанова и Фатон Сулејмани. сст/дма/

фото: УЈП

 

 

Остани поврзан