• недела, 22 декември 2024

Дипломатот од кариера Желјазко Радуков предложен за нов амбасадор на Бугарија во Скопје

Дипломатот од кариера Желјазко Радуков предложен за нов амбасадор на Бугарија во Скопје

Скопје, 10 февруари 2024 (МИА) – Дипломатот од кариера во бугарското Министерство за надворешни работи, Желјазко Радуков предложен од вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел за нов амбасадор на Бугарија во Северна Македонија.

Радуков, како што пренесува агенцијата БГНЕС, доаѓа на местото на актуелниот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов чиј мандат завршува во јуни годинава.

Тој е дипломат од кариера со искуство во повеќе области на односите меѓу Бугарија и земјите од Западен Балкан. Професионалната кариера ја почнува во директоратот на бугарското МНР за Југоисточна Европа каде што во различни периоди бил одговорен за Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, и работел на серија прашања од билатералните односи со овие земји, вклучително и нивната европска димензија.

Во Скопје, Радуков бил трет секретар во бугарската амбасада во периодот од 2010 до 2013 година, по што бил прв секретар во Амбасадата на Бугарија во Белград. Од 2021 година Радуков е одговорен во бугарското МНР за Северна Македонија и тоа и за билатералните односи, но и за европскиот контекст.  

Радуков, како што стои во образложението на предлогот, имал клучна улога и во креирањето и спроведувањето на европскиот компромис од 2022 година, вклучувајќи ги билатералните преговори за Протоколот од вториот состанок на Меѓувладината комисија, потпишан во јуни 2022 година. Радуков е и организациски секретар на Мешовитата историска комисија, а активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница. аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан