• понеделник, 23 декември 2024

Димитров, Маричиќ и Битиќи се вакцинираа и повикаа на масовно имунизирање против Ковид-19

Димитров, Маричиќ и Битиќи се вакцинираа и повикаа на масовно имунизирање против Ковид-19
Скопје, 18 мај 2021 (МИА) – Вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи и министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска се вакцинираа на пунктот во Арената „А1“ во Скопје. Димитров по вакцинирањето истакна дека е важно што е можно побрзо и што е можно повеќе македонски граѓани да се вакцинираат, со цел враќање на животот во нормала.

- Само што се вакцинирав и некако го доживеав и како свечен чин, бидејќи долго време зборуваме за ова и долго време трае оваа мака, и е многу важно за себе си, за моите блиски, за мојата фамилија, за моите соработници, за сите граѓани со кои доаѓам секојдневно во контакт, да бидеме заштитени. Пандемијата трае повеќе од една година, за жал изгубивме многу животи, изгубивме дел од слободата, рече Димитров.

Се придружи на апелот на Владата и на здравствените работници да се вакцинираат што поголем број граѓани.

Својата граѓанска и, како што рече, човечка должност, денеска ја изврши и министерот за правда Маричиќ и порача тоа да го направат сите граѓани што поскоро. -Ме радува и оптимистички е тоа што имаме зголемување на интересот за вакцина во последните недели и големиот број на пријавени за вакцинација што дава надеж дека до крајот на летото ќе има висок степен на вакцинација што би требало да означи победа над пандемијата и завршување на  овој тежок период, истакна министерот Маричиќ. Тој апелираше граѓаните да се вакцинираат со која било вакцина бидејќи, според него, сите се безбедни и ќе спасат од тешки последици и смрт. Вицепремиерот Битиќи пак рече дека денеска обврската за вакцинација ја извршил поради тоа што пред шест месеци во близина на вакциналниот пункт лежел 11 дена дека бил на работ на неговата егзистениција, како и дека тоа го сторил и за белите мантили и здравствените работници. Тој повика граѓаните да се пријават за вакцинирање.

Вицепремиерот Димитров, одговарајќи на новинарско прашање за вакцинирањето и сликањето по имунизацијата, рече дека новинарите имаат исклучителна важна професија, информирање на јавноста, информирање на народот, и дека се од оние приоритетни коишто се важни за функционирање на нашата демократија, информирање на граѓаните посебно во услови на пандемија.

-Јас мислам дека е подобро со ова вакцинирање да се сликаме отколку тоа да го правиме тајно. Мислам дека е важно луѓето да видат дека и ние како и сите други граѓани поминавме низ овој процес сосема редовно, беше добро организиран, оти е важно луѓето да знаат дека тие коишто упатуваме апели, коишто сме дел од Владата, ете тоа го правиме, за себеси, за нашите фамилии и за сите граѓани се разбира. Така што, мислам дека обратно би било полошо. Ако не се сликаме и ако ова не е јавен процес секогаш ќе има сомнеж, вакви конспирации, такви конспирации, затоа мислам дека е важно што ова се прави јавно, истакна Димитров.  

Министерот за правда Маричиќ рече дека тие немале привилегија што денеска се вакцинираат Фајзер бидејќи минатата недела другите членови на Владата се вакцинирале Синофарм.

-Минатата недела се вакцинираа со Синофарм, идната веројатно со некоја друга вакцина. Така што  нема никаква привилегија во таа смисла ниту пак се информиравме, ниту пак прашувавме со која вакцина ќе се вакцинираме. Стратегијата или ставот на Владата е како и сите други граѓани кога ќе дојдеме на ред која вакцина ќе дојде со таа ќе се вакцинираме. И во таа смисла не сме на ниту еден начин посебно третирани, посебно од сите останати коишто денес се вакцинираат во центарот „Борис Трајковски“, нагласи Маричиќ. бк/ац/

Остани поврзан