• петок, 22 ноември 2024

ДКСК оформила предмети за заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и за поранешниот заменик министер во МВР

ДКСК оформила предмети за заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и за поранешниот заменик министер во МВР

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска соопшти дека Комисијата оформила предмети по добиена претставка за назначувањето на заменик директорката во Агенцијата за разузнавање и по поднесена претставка од министерот за внатрешни работи во однос на преземените дејствија од страна од претходниот заменик министер, и оти во тек е анализата на документацијата за овие случаи.

-Да, во ДКСК пристигнати се два предмети, односно две претставки – едната се однесува на изборот на заменик директор на Агенцијата за разузнавање. Исто така, поднесена е и претставка од министерот за внатрешни работи во однос на преземените дејствија од страна од претходниот заменик министер. За двете претставки се оформени предмети. Побарана е документација. Доставена е документација и во тек е анализа на документацијата. По однос на овие два предмети, ќе донесеме одлука. Приоритет даваме на ваквите предмети, бидејќи едните се однесуваат на сомнежи за прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупција, додека останатиот предмет е за исполнување на услови за назначување на заменик директор, рече Димитровска одговарајќи на поставеното прашање од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.

Димитровска на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го образложи Годишниот Извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2023 година. 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 28 јуни за нов заменик-директор во Агенцијата за разузнавање ја назначи Ивана Стојановска. Во медиумите се пишуваше дека таа ги нема потребните години работно искуство во соодветните области, неопходни за да биде именувана за заменик-директорка на АР. фф/ев/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан