• петок, 22 ноември 2024

Димитриевски: Дипломатските напори треба да продолжат во насока на одблокирање на евроинтеграцијата

Димитриевски: Дипломатските напори треба да продолжат во насока на одблокирање на евроинтеграцијата

Скопје, 17 октовмри 2024 (МИА) - Претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека лично е разочаран од одвојувањето на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ, и очекува пораст на евроскептицизмот во државата, но смета дека дипломатските напори треба да продолжат во насока на одблокирање на евроинтеграцијата со достоинствено бранење на државните интереси. 

- Па лично сум разочаран. Првично и посакувам успех на Албанија, таа е наша држава земја сосед и треба да се интегрира како што треба и целиот регион. Јас имам еден став дека искрено мене ми пречи терминот Западен Балкан бидејќи тоа им го кажувам на сите странски дипломати од европските земји. Ние не сме ништо помалку европејци од нив самите. Само што тие имале среќа да се родат во Западна Еворпа, ние сме се родиле во јуогоисточна и источна Европа. Мислам дека ако ЕУ не изнајде инстурменти, средства бидејќи ние разговараме на мултилатерално ниво сега за еден билатерален проблем самонаметнат од страна од Бугарија, евроскептицизмот ќе се поткрева во државата. И мислам тоа што суштински се бориме да не дозволиме странско друго влијание во регионот, притоа сметајќи на кинеското и руското, за жал ќе се зголемува и Европа треба да биде свесна за тоа. Затоа сметам дека нашите дипломатски напори треба да продолжат, но притоа со исправена кичма не со свиткана кичма, достоинствено да ги браниме нашите државни национални интереси како македонски народ, македонска држава и интереси на сите граѓани на Македонија, вели Димитриевски во Само интервју на Канал 5 телевизија.

Во владината коалиција тој и премиерот делат сличен став за уставни измени со одложено дејство, а во однос на ветувањата на ВЛЕН дека за шест месеци може да почнат преговорите со ЕУ, претседателот на ЗНАМ вели дека тоа се нереални ветувања нагласува дека уставни измени се можни само со одложена примена и ако се добијат гаранции од Брисел за идентитетот и јазикот. 

- Јас не инсистирам да кажам дека тоа е мој предлог, бидејќи е мој предлог, го кажав овде, мислам на 6 јули со колегата Таравари. Мене ми е многу мило што денеска тој е составен дел на владината програма и апсолутно мнозинството во Парламентот го има поддржано со гласањето на оваа Влада. Ние како помал, не помалку вреден владин партнер, сме задоволни што нашите ставови се имплементирани во таа владина програма. Она што ќе се случи сигурно и повеќе од јасно е дека сето тоа беше отфрлено од бугарската те. европската страна. И очигледно дека во Бугарија не постои воопшто ниту мал процент на интерес да се надмине овој проблем. Ставовите на претседателот Радев се јасни, дури неколкупати се обидоа да не понижат. Но, тоа не ја отсликува реалната слика на бугарското општество и бугарската јавност. Кога вие разговорите со бугарските граѓани тие се растеретени со ова прашање... Уставни измени под овие услови како што се диктираат, не можат да се случат. Уставни измени можат да се случат по основ на добра волја на мнозинстовто во Парламентот, ако претходно ние како народ бидеме и ни биде гарантирано значи континуитетот, самобитноста, јазикот, културата, идентитетот и историјата. Тоа мора да го гарантира ЕУ, бидејќи таа е преговарач во овој процес сега во моментот. Последниот пат претседателот Радев рече дека вие преговарате со ЕУ, не преговарате веќе со нас, за нас е завршена работа, вели Димитриевски.

Според него, претходната Влада со потпишување на првиот и на вториот протокол и прифаќањето на францускиот предлог не довела во ваква состојба каква што сме денес, и едноставно ние мора да се бориме за нашите позиции.

- Она што е многу побитно за нас е ние Македонците првенствено треба да се обединеме по ова прашање, да изградиме консензус, да побараме поддршка од останатите граѓани во државата коишто живеат, а припаѓаат на останатите етнички заедници, ставајќи акцент и барање до албанската заедница да не разбере дека овде се работи директно за национални чувства на Македонците како составен дел и мнозинско население во оваа држава, и заедно да ја извојуваме оваа битка, вели Димитриевски.

Тој наведува дека досега немало уцени ниту од ВРЕДИ, ниту од ДУИ, ниту од кој било друг политички субјект додека ЗНАМ е составен дел на оваа Влада, а ние, вели, ќе бидеме составен дел на оваа Влада до моментот до кога сметаме дека оваа Влада работи искрено, посветено, и во интерес на граѓаните и на државата.

Во однос на предлогот на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи ако неможат ЕУ и Бугарија да ни дадат гаранција дека нема да има ново вето, самите со Уставниот закон да предвидиме дека доколку се случат нови блокади да ги поништиме уставните измени, лидерот на ЗНАМ вели дека е тоа задоцнета реакција и е нерелевантен предлог.

- За мене секој предлог кој што ќе излезе во јавноста имам капацитет да го сослушам, да го изанализирам но мислам дека истиот коинцидира со претходниот предлог, или актуелниот предлог кој што е на сила и можеби треба да се бара некоја алтернативно решение кое ви ниту еден момент нема да ја донесе Македонија во незавидна состојба, вели Димитриевски.

Тој не очекува промени во однос на официјалната позицијата на Бугарија по изборите, бидејќи вели тоа е став на бугарското Собрание. Оценува дека решението треба да се бара преку лобирање во ЕУ кај земјите членки и преку Атлантикот. 

-Лобирањето треба да дојде од надвор, и нашата дипломатија треба да си ја сработи работата многу поинтензивно во делот на поголемите држави членки на ЕУ кои треба да извршат дополнителен притисок на другата страна која многу умешно успеа еден билатерален самонаметнат проблем успеа да го трансформира во мултилатерален, за кој ние денес за жал разговараме на мултилатерално ниво со сите држави членки на ЕУ преку самите институции на ЕУ, вели претседателот на ЗНАМ.

Прашан на што се должи оптимизмот на премиерот Мицкоски по враќањето од Брисел, тој очекува оваа или следната недела да поразговараат за тоа како коалициски партнери, при тоа наведувајќи ги интересите на ЕУ во актуелниот геостратешки момент, на фактот дека приемот на Бугарија и на Романија во Унијата беше политичка одлука, и како што вели, на отворањето простор за продор на кинеско и руско влијание во регионот. вг/цр

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан