• недела, 22 декември 2024

Де ла Фуенте предлага укинување на продолженијата во осминафиналето и четвртфиналето на ЕП

Де ла Фуенте предлага укинување на продолженијата во осминафиналето и четвртфиналето на ЕП

Минхен, 9 јули 2024 (МИА) - Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, во иднина би го поздравил укинувањето на продолженијата во осминафиналето и четвртфиналето на европските фудбалски првенства, иако неговиот тим ја победи Германија во осминафиналето благодарение на дополнителните 30 минути.

Шпанија ќе игра против Франција во полуфиналето на ЕП 2024 подоцна вечерва и тој смета дека неговите играчи би биле посвежи доколку не мораат да играат 120 минути против домаќините во петок. Микел Мерино го постигна победничкиот гол за Шпанија во успехот од 2-1 во 119. минута.

Три од четирите четвртфинални дуели отидоа во продолженија, а два завршија со пенали - победата на Франција над Португалија и победата на Англија над Швајцарија. Второто полуфинале во среда е Англија против Холандија, која ја победи Турција со 2-1 во регуларното време.

-На турнир како Европското првенство, кое е толку исцрпувачки, можеби дополнителното време може да биде отстрането, изјави Де ла Фуенте за медиумите во Минхен.

Сепак додаде дека треба да останат продолженијата за полуфиналето и финалето.

-Укинувањето на продолженијата и одењето директно на пенали во првите две нокаут рунди, исто така, би помогнало на шоуто бидејќи играчите би биле многу посвежи и во подобра состојба за следните натпревари, додаде селекторот на Шпанија.

На турнирот во Копа Америка дополнително време е дозволено само доколку е потребно во финалето. Претходно, доколку мечот во регуларното време завршеше нерешено, се одеше директно на изведување пенали. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан