• понеделник, 23 декември 2024

Де Кро: Уште една „Америка на прво место“ ќе значи „Европа оставена сама“ 

Де Кро: Уште една „Америка на прво место“ ќе значи „Европа оставена сама“ 

Брисел, 16 јануари 2024 (МИА) – Ова е година кога нашите демократии и слободи ќе бидат ставени на тест, не само со изборите за овој дом, туку подеднакво и за Конгресот на САД и за американски претседател и ако 2024-те повторно ни ја донесе „Америка на прво место“, тоа повеќе од кога било ќе значи „Европа оставена сама“, порача денеска белгискиот премиер Александер де Кро во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, посветено на програмата на претседателството на Белгија со ЕУ во првите шест месеци од годинава 

- Не треба да се плашиме од оваа перспектива. Треба да ја прифатиме со ставање на Европа на поцврсти основи. Посилни, посуверени, посамоуверени. Европа која обезбедува и прави разлика во животите на луѓето. Заштитувајќи ги. Зајакнување на економијата. Подгответе ја заедничката европска иднина. Белгиското претседателство сака да придонесе во овој напор, нагласи Де Кро. 

Тој, како што јави дописникот на МИА, се осврна на приоритетите на белгиското претседателство, чија цел е, како што рече, Европа да биде добро место за живеење, базирана на еврото и внатрешниот пазар како камен темелници на просперитетот, но и на задржување на единство и солидарноста со Украина во услови на руската агресија. 

- За Америка и другите наши сојузници, поддршката за Украина е стратешко прашање, геополитичко размислување. За нас Европејците, поддршката за Украина е егзистенцијална. Таа е во сржта на нашата безбедност и нашиот просперитет, истакна Де Кро, додавајќи дека во интерес на ЕУ да го гарантира својот суверенитет во снабдувањето со енергија, миграциските текови и безбедноста. 

Според него, потребно е да се гради Европа која има своја улога во светот и која ја презема одговорноста во однос на своите соседи - Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија. 

- Додека чекаме да ги примиме новите членки, да не останеме неактивни. Додека земјите кандидати се подготвуваат за членство, ние не можеме да седиме со скрстени раце. Белгиското претседателство ќе настојува да ги поддржи земјите кандидати во нивните аспирации да се приклучат на европското семејство. Дополнително, ние мора да го извршиме нашиот дел од напорите за да се обезбеди капацитетот на Европа за дејствување кога од семејство со 27 ќе станеме семејство со повеќе од 30 членови, потенцира Де Кро. 

Според белгискиот премиер потребна е „подобра интеграција на владеењето на правото во Унијата“, со цел Копенхашките критериуми да не се само услов за членство во ЕУ, туку и трајна обврска. 

- Почитувањето на владеењето на правото и на демократијата не може да бидат споредни елементи на нашата Унија. Тие мора да бидат во сржта на нејзиниот дизајн, изјави Де Кро, додавајќи дека ЕУ мора да ги поддржи сите земји кои имаат амбиција да изградат силно владеење на правото и цврста демократија. 

Во тој контекст, белгискиот премиер се осврна на потребата од пожестока борба против дезинформациите и странското мешање во слободните избори во ЕУ. 

- Во Белгија, како и во многу други земји членки, странските сили се обидуваат да ги ослабат и поткопаат нашите демократски процеси. Го гледаме тоа. Борбата за демократска Унија оди рака под рака со зголемениот капацитет за одлучување. Граѓаните од нас очекуваат Европа да дејствува конкретно, да ги штити секојдневно и да им обезбеди просперитет. Ако нашата Унија е изградена од поттикот на визионерски лидери, таа денес е водена од очекувањата на нејзините граѓани, додаде Де Кро. 

Тој се осврна и на предизвиците поврзани со одржување на силата и енергичноста на европска економија, потребата од поголеми инвестиции и иновации, заштитата на конкурентноста, зелената и енергетската транзиција, поддршката на младите и бизнисите и социјалната заштита и права. 

Де Кро говореше и за потребата од справување со предизвиците со миграцијата, како и за состојбите на Блискиот Исток, нагласувајќи ја потребата од „запирење на страдањата на невините цивили во Израел и Палестина“ и обезбедување повеќе хуманитарни коридори до Појасот Газа. 

- Европа, исто така, мора да му помогне на Израел во неговата легитимна заложба за ослободување на заложниците и легитимната борба против терористичката организација Хамас. Европските напори да се стави крај на страдањата и на Израелците и на Палестинците не се некомпатибилни. Напротив. Тоа е вистинската работа. Само политичко решение може да обезбеди траен мир и безбедност на Блискиот Исток, истакна Де Кро. 

Тој потсети дека европскиот проект се роди по една разорна војна, па затоа должност на ЕУ е да ја поддржи демократска и слободна Украина против агресија од Русија и да помогне „во изградба на патот кон траен мир меѓу Израел и Палестина“. 

- Наша должност кон самите себе и кон идните генерации е да создадеме Европа која е послободна од оваа во која живееме. Гледаме како повторно се појавуваат најмрачните моменти од нашите општества. Ги гледаме правата на жените под притисок, скратени правата на малцинствата и ЛГБТК луѓето, гледаме враќање на фашистичките симболи на нашите улици и пораст на антисемитското насилство. Борбата против нашите демони никогаш не завршува. Останува наша најважна задача. За сите нас, нагласи Де Кро во обраќањето пред европратеиците, кое беше на англиски, француски и холандски јазик. сп/

Фото. ЕБС

Остани поврзан