• недела, 22 декември 2024

Де Кро за аферата „Чајнагејт“: Кина понекогаш е многу непријателски расположена земја 

Де Кро за аферата „Чајнагејт“: Кина понекогаш е многу непријателски расположена земја 

Брисел, 21 декември 2021 (МИА) - Кина се обидува да ја дестабилизира белгиската демократија, што понекогаш ја прави многу непријателски расположена земја, изјави белгискиот премиер Александар де Кро, коментирајќи ги наводите дека Пекинг регрутирал член на белгиската екстремно десничарска партија Фламански Интерес (ВБ) за да работи на промоција на кинеските интереси. 

- Не треба да потценуваме колку странските сили не ја сакаат нашата демократија и нашето единство. За разлика од Русија, Кина не го напаѓа нашиот континент, но останува земја која понекогаш е многу непријателски расположена кон нас. Тоа не треба да се занемари, изјави Де Кро за двата водечки белгиски весници „Соар“ и „Стандард“. 

Изјавата на Де Кро претставува коментар на медиумските информации дека членот на ВБ, Франк Крејлман примал поткуп од кинеското Министерство за државна безбедност со цел со своите јавно изнесени ставови да влијае врз дискусиите во Европската Унија. Според медиумите, кои аферата веќе ја нарекоа „Чајнагејт“, Крејлман работел во интерес на Кина најмалку три години. 

- Белгиската демократија е ставена на продажба. Кинезите се обидуваат да купат влијание за да ја дестабилизираат нашата демократија. Со „Чајнагејт“ сето тоа се расплеткува пред нашите очи, додаде Де Кро. 

По избувнувањето на аферата, Франк Крејлман веднаш беше исклучен од партијата Фламански Интерес (ВБ), но Де Кро побара и неговиот брат Стивен Крејлман да биде разрешен од функцијата претседател на Комисијата за набавки за потребите на одбраната на белгискиот Парламент.  

Според Де Кро, таквиот чекор би бил чисто превентивен, имајќи предвид дека тој претседава со „една од најчувствителните комисии во Парламентот“. 

Франк Крејлман е актуелен член на Советот на градот Мехелен и поранешен белгиски сенатор и екс-пратеник во Регионалниот парламент на Фландрија. Тој во јавноста е познат по своите проруски ставови и отвореното противење на испораката на оружје за Украина по руската агресија врз земјата. 

Во заедничка истражувачка сторија на весниците „Фајненшл Тајмс“, „Шпигел“ и „Монд“ беше посочено дека службеникот на кинеското Министерство за државна безбедност, Даниел Ву го ангажирал Крејлман за да влијае врз дискусиите во Европа за прашања кои се однесуваат на Пекинг, кои што се ограничувањата на демократијата во Хонг Конг или прогонот на Ујгурите во провинцијата Синџијанг. 

Во една од СМС преписките меѓу Ву и Крејлман, кои траеле најмалку од 2019, па до крајот на 2022 година, кинескиот разузнавач наведува дека „нивна цел е да предизвикаат поделба во американско-европските односи“, а во друга од пред две години му вели на белгискиот политичар дека „има задача да го нападне Едријан Зенз“, истражувач кој објавил информации за приведувањето илјадници припадници на муслиманско ујгурско малцинство во Синџијанг од страна на кинеските власти. 

Ву, исто така, бара од Крејлман да влијае за прекинување на конференција посветена на Тајван, а во една преписка двајцата разговараат за исплата на посредник кој требало да натера католички кардинал да предупреди дека Ковид пандемијата се „политизира“ за да се зголеми притисокот врз Кина.  

Во истражувачката сторија се посочува дека Крејлман бил дел од операцијата на кинеското разузнавање за обиди за манипулација со политичките дискусии ширум светот во корист на интересите на Пекинг, во чии рамки биле „регрутиран и манипулирани“ научници, политичари и бизнисмени. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан