Де Вевер го осуди откажувањето на настапот на израелскиот диригент Шани во Гент
- Остро го осудувам откажувањето само врз основа на потеклото на диригентот Лахав Шани. Тука повлекувам линија, објави Де Вевер на Фејсбук, откако викендов присуствуваше на концерт на Минхенската филхармонија во германскиот град Есен.
Брисел, 15 септември 2025 (МИА) - Белгискиот премиер Барт де Вевер ја осуди одлуката на организаторите на Музичкиот фестивал во Гент да го откажат настапот на Минхенската филхармонија под диригентската палка на израелскиот диригент Лахав Шани, што беше предвиден за 18 септември.
- Остро го осудувам откажувањето само врз основа на потеклото на диригентот Лахав Шани. Тука повлекувам линија, објави Де Вевер на Фејсбук, откако викендов присуствуваше на концерт на Минхенската филхармонија во германскиот град Есен.
Де Вевер нагласи и дека во Белгија никогаш нема да има простор за расизам и антисемитизам и дека сака лично да му ја пренесе оваа порака на Шани.
Организаторите на Фландрискиот музички фестивал во белгискиот град Гент минатата недела го откажаа учеството на Филхармонијата, со образложение дека таквата одлуката е донесена поради „недоволна јасност во врска со ставот на Шани кон геноцидниот режим во Тел Авив“.
Иако, шефот на белгиската дипломатија Максим Прево најави признавање на „Државата Палестина“ од страна на Белгија, сепак во белгиската петчлена владина коалиција постојат разлики во врска со ставот кон Израел и случувањата во Газа.
Де Вевер уште додаде дека веднаш по „ужасниот терористички напад од страна на Хамас“ во октомври 2023 година , оценил дека стравува оти израелската Влада „ќе дозволи да биде вовлечена во бесконечен насилен конфликт во Газа“.
- За жал, тој страв се оствари, додаде Де Вевер, нагласувајќи дека ги поддржува „сите целни санкции предложени од Европската Унија за завршување на војната“.
Изјавата на Де Вевер околу одлуката на фестивалот во Гент, беше поздравена од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој му се заблагодари на својот белгиски колега „за неговиот гест на солидарност“ и предупреди дека Европа „не смее да му даде простор на овој очигледен антисемитизам“.
Во меѓу време, на откажувањето на настапот реагираше и Европската комисија, која го повика координаторот за антисемитизам на ЕУ да интервенира кај белгиските власти во врска со „контроверзната одлука“ на Фестивалот во Гент.
- Го замолив координаторот на ЕУ за борба против антисемитизмот да стапи во контакт со властите и организаторите на фестивалот за да се осигура дека ова нема да се повтори, наведе еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер во објава на Икс. сп/
Фото: МИА Архива