• сабота, 21 декември 2024

Детали од новиот трговски договор за Северна Ирска што го склучија ЕУ и Велика Британија

Детали од новиот трговски договор за Северна Ирска што го склучија ЕУ и Велика Британија

Лондон, 27 февруари 2023 (МИА) - Велика Британија и ЕУ денеска соопштија дека склучиле нов трговски договор за Северна Ирска по Брегзит, во обид да стават крај на спорот што ги засени односите меѓу Брисел и Лондон.

Договорот беше постигнат за да се надминат тензиите предизвикани од протоколот за Северна Ирска, сложен систем на трговски правила кои се однесуваат на британската провинција. Тие беа договорени пред Велика Британија да ја напушти ЕУ, но сега, од страна на Лондон, се прогласени за неприменливи.

Британскиот премиер Риши Сунак на заедничката прес-конференција во замокот Виндзор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопштија детали од договорот.

Царини - Кога Британија ја напушти ЕУ, тогашниот премиер Борис Џонсон се согласи на договор со кој ефикасно ја задржа Северна Ирска на единствениот пазар поради отворената граница со Република Ирска, членка на ЕУ. Во исто време се создаде царинска граница меѓу Велика Британија и ЕУ.

Владата на Обединетото Кралство сакаше да ги олесни проверките на стоките што влегуваат во Северна Ирска од Велика Британија.

Брисел и Лондон се согласија да ги одделат стоките наменети за Северна Ирска од оние што се движат кон ЕУ. Целта е да се намали документацијата за компаниите кои се пожалија дека не можат да ги понудат сите свои производи во Северна Ирска поради премногу обемните проверки.

Европско законодавство

Според претходниот договор меѓу Лондон и Брисел, Северна Ирска се придржуваше до некои од законите на ЕУ, за да може стоките слободно да минуваат преку границата цо Република Ирска без да бидат предмет на проверки.

Сунак рече дека северноирскиот парламент сега ќе може да „повлече итна сопирачка“ за какви било промени во правилата на ЕУ и дека владата на Обединетото Кралство ќе „има право на вето“.

ДДВ

Компаниите во Северна Ирска моментално ги почитуваат правилата за ДДВ на ЕУ. Ова значи дека даночните олеснувања во Обединетото Кралство за поддршка на бизнисите во Северна Ирска мора да се усогласат со правилата на ЕУ.

Според новиот договор, британската влада ќе има слобода да го одреди износот на ДДВ во Северна Ирска. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан