Деспотовски: Македонската женска одбојка има иднина
- Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) изминатиот викенд во спортскиот центар „Форца“ во Скопје организираше собир на девојчиња од генерацијата 2010 и помлади, со цел да добие попрецизна слика со што располага во оваа категорија на одбојкарки во однос на физички предиспозиции, техничка и тактичка подготовка.

Скопје, 24 февруари 2025 (МИА) – Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) изминатиот викенд во спортскиот центар „Форца“ во Скопје организираше собир на девојчиња од генерацијата 2010 и помлади, со цел да добие попрецизна слика со што располага во оваа категорија на одбојкарки во однос на физички предиспозиции, техничка и тактичка подготовка.
Првиот човек на ОФМ, Филип Деспотовски, истакна дека одбојкарскиот собир минал во работна атмосфера и одлична соработка меѓу сите поканети клубови и тренери.
„Генерацијата со која располагаме дава надеж за во иднина, а планот е да почнеме од почеток, чекор по чекор, без да прескокнуваме скалила за да поставиме квалитетна база“, изјави Деспотовски.
Специјален гостин на настанот беше министерот за спорт Борко Ристовски кој истакна дека поддршката на вакви настани од страна на државата е многу важна.
„Развојот на спортот не значи само врвни резултати, развојот на спортот значи и масовност. За нас како држава не се важни само врвните резултати, туку и јавното добро што значи што повеќе дечиња да ги привлечеме да се занимаваат со спорт наместо да бидат обземени со пороците на модерното време. Ваквите акции се важни затоа што сите заедно ќе градиме поздраво општество, општество кое ќе биде базирано на вистински вредности и кои спортот ги нуди: физичка активност, дисциплина и поради тоа од повеќе аспекти овој настан е важен“, посочи Ристовски. ег
ФОТО: ОФМ