• понеделник, 23 декември 2024

Дескоска: Клучниот камен на сопнување е надлежноста за гонење на кривични дела поврзани со прислушувањето

Дескоска: Клучниот камен на сопнување е надлежноста за гонење на кривични дела поврзани со прислушувањето
Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) - Надлежностите околу гонењето на кривични дела кои се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите или предметите на СЈО се клучниот камен на сопнување, истакна вечерва министерката за правда Рената Дескоска во интервју за ТВ 24, коментирајќи ја денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Таа посочи дека ова го докажува и фактот оти на преговорите меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од страна на Заев бил даден предлог да се формираат две обвинителства - едно кое ќе ги продолжи постојните случаи од СЈО и друго кое ќе гони носители на власта за евентуален криминал со предлог за обвинител од страна на опозицијата,  но оти ВМРО-ДПМНЕ го одбиле предлогот. Според министерката, нивниот интерес за избор на обвинител од опозицијата е врзан со случаите на СЈО. - Проблемот е во надлежностите околу гонење на кривични дела коишто се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите – предметите на СЈО, значи сè што значи не само покренати постапки туку и истраги и предистраги. Тука е всушност главниот проблем - тие сега се трансферирани и не сакаат со новиот закон да се признае надлежност на Обвинителството за гонење на огранизиран криминал да продолжи да ги гони. Очигледно е дека ним таа надлежност им пречи, рече Дескоска. Таа ги оцени како манипулации наводите дека се вдомувале обвинителите од СЈО во организиран криминал. Според неа, тоа е начин да се зајакне Обвинителството за организиран криминал и оти треба да се даде можност да се изберат нови обвинители. -Има одредба дека во одреден временски период ќе се прошири бројот на обвнители кои ќе работат во тоа обвинителство. На тој конкурс може да конкурира било кој обвинител што исполнува услови. Воопшто немаме никаде дека се трансферираат обвинителите на СЈО во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Персонални решенија нема во законот, решенијата се принципиелни, рече Дескоска. Нагласи дека ВМРО – ДПМНЕ треба да се соочат со фактот оти трансферот на предметите е завршена работа. - Она што најмногу ме загрижува од целокупниот нивни прес е дека тие бараат целосно да запрат постапките, односно да нема надлежност за гонење на кривични дела коишто произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите, а тоа е всушност запирање на сите постапки коишто беа покренати од СЈО, истакна Дескоска. Таа е децидна дека во Предлог - законот нема мешање на политичките партии во изборот на обвинители. -Мојот личен став е дека не е добро политички партии да предлагаат обвинители. Сметам дека судството и обвинителството треба да бидат тргнати од рацете на политиката. Се додека немаме ефикасност во завршување на овие судски постапки, навистина е ризична операција вие да му дадете некому дополнителна можност да ги стопира, забавува или затвора овие случаи без вистинска правна разрешница, потенцираше Дескоска. Во однос на гласањето на Законот за Јавното обвинителство, министерката смета дека Законот за Јавното обвинителство би се донел со осумдесет пратеници, без оглед дали во нив влегува ВМРО – ДПМНЕ или не, но дека би било добро да гласаат и тие поради општествениот консензус за борбата против корупцијата. Во однос на „Индексот на перцепцијата на корупцијата“, министерката Дескоска истакна дека е очекувано тој да падне кога излегува коруптивен скандал во којшто е врзан човекот кој бил симбол дека ќе ја врати правдата во државата. -Кога имате сомневање за криминал и корупција, јасно е дека ќе има разочарување кај граѓаните и дека перцепцијата ќе падне – природно се очекува од таква ситуација, рече Дескоска. бк/бак/

Остани поврзан