• петок, 22 ноември 2024

Десетмина загинати, четворица исчезнати и 2.000 спасени во поплавите во Грција

Десетмина загинати, четворица исчезнати и 2.000 спасени во поплавите во Грција

Атина, 8 септември 2023 (МИА) – Во невремето „Даниел“ што од вторникот ја зафати Грција, вкупно десет лица ги загубија животите, четворица се исчезнати во областите Волос и Пилио, а спасени се речиси 2.000 лица, соопшти министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина. 

Кикиљас попладнево информираше дека од завчера кога во 14 села започна акцијата за евакуација и спасување со воздушни и копнени средства, со хеликоптерите на противпожарната служба и армијата биле спасени 296 лица, од кои на 150 им била потребна итна медицинска помош, додека на копно, со чамци и возила 1.700 лица биле пренесени на безбедни локации.

Во акцијата се вклучени над 1.000 спасувачи од цивилната заштита и армијата, како и вкупно 20 хеликоптери од противпожарната служба, од армијата, од грчката полиција, како и три швајцарски хеликоптери кои во Грција беа за гаснење на пожарите, а сега се користат за дистрибуција на храна и вода за отсечените села.

Во однос на ситуацијата со реката Пиниос во околината на Лариса, Кикиљас рече дека се во континуирана состојба на готовност и истакна дека „потребна е голема внимателност од сите бидејќи поплавите може да се интензивираат во секое време“.ср/ссм/

Остани поврзан