• понеделник, 23 декември 2024

Десетта манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Десетта манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Тетово, 31 октомври 2022 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово викендов беше домаќин на јубилејната, десетта детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“.  

Манифестацијата се одржа Духовно-културниот центар  „Кирил Пејчиновиќ“ кој се наоѓа во манастирскиот комплекс на црквата „Св. Атанасиј“ во село Лешок.  Учениците од основните училишта кои наставата  ја следат на српски јазик, како и деца кои имаат српско потекло, а се од други основни училишта во државава, беа учесници на манифестацијата. 

-Од оваа година, бидејќи е јубилејна, манифестацијата доби своја химна. Текстот на химната е на поетот Власта Цениќ од Србија, а музиката ја напиша Гоце Симоноски, композитор од Тетово.  Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет особено кај децата и младите, изјави Соња Андонов, претседателка на Здружението.

На главниот дел на програмата учествуваа учениците со свои творби кои оваа година се пишувани на тема „Роденден“.  На овогодинешната манифестацијата дојде Виолета Јовиќ, поетеса и писател за деца од Србија.  

-Целта е на учесниците да им се овозможи средба со поет од Србија, а воедно и да се промовира српското творештво за деца.  Програмата содржеше и три пиеси за деца на српски јазик како дел од проектот „Школа српског језика“ (Школа за српски јазик) одобрен од Фондот за бегалци и раселени лица и за соработка со Србите во регионот. Сите учесници на крајот, заедно со членовите на КУД „Бранко Чајка“, заиграа српско оро, изјави Андонов.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и информирање на Република Србија. ас/хс/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан