• понеделник, 23 декември 2024

„Ден на полето 2022“: Домашно производство на храна за заштита од недостиг и од високи цени

„Ден на полето 2022“: Домашно производство на храна за заштита од недостиг и од високи цени

Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Во услови на криза која сериозно ги нарушува ланците на снабдување со основните прехранбени производи, негативно влијаат климатските промени и воениот конфликт, од исклучителна важност е домашното производство на храна, кое ќе овозможи достапност на потребните производи по најповолни цени. Ова го констатираа учесниците на традиционалниот настан „Ден на полето 2022“, кој се одржа во организација на компаниите „Клечовце“ и „Агростарт“ од Куманово.

Како што информира Сојузот на стопански комори на Македонија, на настанот учествуваше и претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и потпретседателот Горан Ѓорѓиевски. 

-Од фундаментално значење е да се даде сериозна поддршка на домашното производство на житарици, како основни прехранбени производи. Прогнозите и очекувањата за наредниот период не се воопшто позитивни, затоа е важно да се свртиме и да му дадеме значење на производството на храна за што имаме одлични предиспозиции. Исто така ние како Сојуз ја истакнуваме како важна и промоцијата на компании кои инвестираат во најсовремени технологии за производство на храна, во континуитет ги зголемуваат произведените количини и употребуваат најсовремена механизација, како и дигитализација, истакна претседателот на Сојузот, Ангелоски.  

„Ден на полето 2022“ е традиционална земјоделска манифестација за промоција и користење на сертифициран семенски материјал, а се одржа во кумановското село Новосељане. Цел на настанот е преку организирани активности да се влијае на промоција за земјоделското производство, како и да се добијат и споделат најнови информации околу користењето на сертифициран семенски материјал, на минерално ѓубриво, современа и прецизна механизација. 

-Со одбир на соодветните сорти на сертифициран семенски материјал, примена на современа агротехника, употреба на современи препарати од реномирани и докажани европски производители и современи механизација, го правиме вистинскиот избор. Нашиот успех го препознаа и индивидуалните земјоделски производители, коишто покрај минeралните ѓубрива, на наше големо задоволство, почнуваат се повеќе да го употребуваат  и нашиот сертифициран семенски материјал, истакна  Бубе Трајковски, сопственик на ТД ДЗП „Клечовце“, кој е организатор на манифестацијата. Тој потенцираше дека со макотрпна работа, целосна посветеност, следење на светските трендови и употреба на науката, успехот е сигурен. 

Од компанијата најавуваат дека од оваа година ќе почнат да користат автоматска навигација за управување на трактори со која ќе се управува ѓубрерастурачот врз база на претходно направени мапи со GPS координати, што ќе овозможи процесот да биде целосно автоматизиран.

На „Ден на полето 2022“ се обратија и деканите на земјоделските факултети од Скопје и од Штип, Вјекослав Танасковиќ и Љупчо Михајлов кои со присутните споделија најнови сознанија за унапредување на производството на житарки и уште еднаш ја потенцираа важноста на поддршката за домашното производство на храна. мд/са/

 

Остани поврзан