• петок, 22 ноември 2024

Ден без автомобили во Брисел 

Ден без автомобили во Брисел 

Брисел, 17 септември 2023 (МИА) - Во рамки на „Европската недела на мобилност“, што годинава се одбележува од 16 до 22 септември, денеска во Брисел се организира манифестацијата „Ден без автомобили“, при што во целиот град ќе биде забрането движење на возила, со цел да им се даде простор на локалните жители и туристите „да го откријат задоволството на пешачењето, возењето велосипед или патувањето со јавен превоз“. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, забраната за движење на возила ќе трае 09:30 до 19:00 часот, период во кој „неговото величество автомобилот“ ќе им отстапи простор на пешаците и велосипедистите да се движат слободно низ вообичаено закрчените со возила градски улици.  

Во рамки на манифестацијата ќе се организираат групни возења на велосипед и улични забави во многу делови од градот, а на улиците ќе бидат поставени и штандови за храна и пијалаци. 

Групни возења на велосипед ќе има на неколку траси по кои велосипедистите околу 14 часот би требало да стигнат во бриселскиот парк Порт де Нинов.  

Во Куќата на активна мобилност во Етербек ќе се организира Голем саем за велосипеди, каде локалните жители ќе може да ги продаваат своите стари велосипеди. Предвидено е Саемот да  започне со бесплатен појадок. 

На различни локации ќе бидат поставени велосипедски патеки за деца и детски игралишта, а ќе бидат организирани и предавања за безбедноста на патиштата и едукативни работилници за велосипедистите, на кои ќе можат да научат да заменат дупната гума, да го поправат својот велосипед или да се справат со непријатното шкрипење на синџирот. 

Во мултидисциплинарниот центар  за уметност „Буршхаубург“ во центарот на Брисел во периодот од 11 до 13 часот посетителите ќе бидат послужени со пржени јајца и лубеници, а од пладне ќе може да уживаат и во музиката на уметницата Ленгелер. 

На децата уште од претпладневните часови во „Буршкафе“ ќе им се нудат безалкохолни коктели, ќе може да учествуваат на работилници за танц организирани од професионален танчер, како и да се забавуваат со музиката на Ди-Џеј Мекс Даб. 

Во попладневните часови на улицата „Огист Ортс“ ќе се одржи концерт на Рита Јашари и Оџу. 

За време на „Денот без автомобил“ целиот регион на Брисел ќе биде забранет за движење на моторни возила. Исклучок од забраната ќе има за јавниот превоз, таксистите, возилата на службите за итни случаи и на дипломатскиот кор, како и за возачите со посебни потреби. Трамваите, метрото и автобусите на бриселскиот јавен превоз ќе возат бесплатно, а белгиската националната железничка компанија СНБЦ ќе нуди патувања до дестинации низ цела Белгија со повратен билет за цена од 8 евра. 

Од безбедносни причини бриселските тунели ќе бидат целосно затворени за сообраќај, како за возила, така и за велосипедисти и пешаци.  

Европската недела на мобилност е годишна манифестација што од 2002 година се организира на иницијатива на Европската комисија со цел да се промовира одржлива урбана мобилност. Секоја годишна Европската недела на мобилност се организира под специфично мото, кое оваа година гласи „Заштедете енергија“. сп/

Фото: Град Брисел/Белга

Остани поврзан