Демократите во Сенатот бараат истрага за разговорот за воените планови на апликацијата Сигнал
- Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, испрати писмо во име на Демократската партија до претседателот Доналд Трамп и неговите високи функционери, во кое го повика Министерството за правда да истражи како новинар случајно бил вклучен во групата за дискусија на апликацијата Сигнал за воени планови.

Вашингтон, 26 март 2025 (МИА) - Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, испрати писмо во име на Демократската партија до претседателот Доналд Трамп и неговите високи функционери, во кое го повика Министерството за правда да истражи како новинар случајно бил вклучен во групата за дискусија на апликацијата Сигнал за воени планови.
Претставници на администрацијата на Трамп тврдеа дека не биле споделени доверливи материјали во групниот разговор на Сигнал.
Демократските сенатори изразија сомневање, истакнувајќи дека новинарот Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“, известил дека секретарот за одбрана Пит Хегсет ги изложил оперативните детали за претстојните напади врз јеменските Хути, кои се сојузници со Иран, „вклучувајќи информации за цели, оружје, напади што САД ќе ги користат и редоследот на нападот“.
-Понатаму, имајќи предвид дека намерното или небрежно откривање доверливи или чувствителни информации за националната безбедност може да претставува прекршување на Законот за шпионажа или други закони, очекуваме обвинителот да спроведе темелна и непристрасна истрага за однесувањето на владините службеници кои биле вклучени во несоодветното споделување или дискусија за такви информации, се вели во писмото.
Трамп рече дека неговата администрација ќе ја испита употребата на апликацијата Сигнал, но тој понуди поддршка на неговиот тим за национална безбедност предводен од советникот Мајк Волц.
Трамп рече дека не мисли оти Волц треба да се извини, но додаде дека не мисли дека Волц и неговиот тим ќе го користат повторно Сигнал наскоро.
Во интервју за Фокс њуз вчера, Волц рече дека ја презема „целосната одговорност“ за нарушувањето на безбедноста, бидејќи тој ја создал групата на Сигнал, но нагласи дека не биле споделени доверливи информации.
Тој исто така рече дека ситуацијата е „срамна“ и дека администрацијата на Трамп „ќе истражи што тргнало наопаку“. Тој додаде и дека не знае како новинарот по грешка бил додаден во групата. мс/
фото: МИА архива