• вторник, 24 декември 2024

Демири: Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот (ДПЛ)

Демири: Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот (ДПЛ)

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Клиниката за хематологија сега се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите, изјави денеска новиот министер за здравство во техничката Влада, Илир Демири.

Тој се обрати на Свечената академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија.

- Изминативе неколку години, оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници. Покрај реновирањето на установата, тука за првпат почнаа да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител. Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања, посочи Демири.

Пред само неколку недели, како што додаде тој, беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство.

- Упатувам благодарност до директорите на оваа установа, Ирина Пановска Ставридис и Флутим Кадриу, до членовите на Владата, до Фондот за здравствено осигурување, но и до Амбасадата на Соединетите Американски Држави за обезбедувањето финансиски средства за реализација на оваа важна инвестиција, подвлече Демири.

Тој пред присутните рече оти ги охрабрува да продолжат со стручна и професионална работа, а во Министерството за здравство, како што истакна, имаат искрен партнер за зајакнување на здравствениот сектор.

- Заеднички можеме да направиме позитивни резултати, нагласи тој.

Организацискиот директор на оваа клиника, Флутим Кадриу рече оти новиот кат на Клиниката за хематологија претставува континуирано унапредување на научните, кадровските, инфраструктурните и технолошките капацитети на установата.

- Со гордост укажуваме дека ги применуваме највисоките светски медицински протоколи и стандарди во лекувањето на најтешките хематолошки заболувања. Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на Соединетите Американски Држави што ја препознаа нашата посветеност за подобрување на здравствените услуги. Ова резултираше со полноправно членство на Клиниката за хематологија во Европската група за трансплантација на хематопоетски матични клетки. Финансиска поддршка за изградба на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки од еден милион долари обезбеди Амбасадата на САД преку Европската команда на Армијата на САД, нагласи тој.

Новиот објект е опремен со најсовремена медицинска опрема и може да обезбеди грижа за 120 нови пациенти годишно.

- Новоизградениот кат зафаќа 800 квадратни метри, со 10 соби опремени со НЕРА филтриран воздух за третман на алогени поврзани, неповрзани и делумно идентични трансплантации на хематопоетски матични клетки. Стануваме Регионален центар за трансплантација кој може да обезбеди грижа не само за осигуреници од Северна Македонија, туку и за пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија, каде што овие интервенции сѐ уште не се достапни. За потребите на овој Центар, планирано е да се ангажираат 30 нови вработувања на Клиниката за хематологија, подвлече Кадриу.

Тој додаде оти без поддршка на премиерот, Владата, Министерството за здравство, како и раководството на Фондот за здравствено осигурување, немаше да се успее да се реализира една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години.

Кадриу од името на целиот тим на Клиниката за хематологија му посака успешна работа на новоименуваниот министер за здравство. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан