• понеделник, 23 декември 2024

„Делчево од високо“ прва изложба на фотографот Бобан Фелло за промоција на родното место

„Делчево од високо“ прва изложба на фотографот Бобан Фелло за промоција на родното место
Делчево, 6 ноември 2022 (МИА) - Фотографoт Бобан Фелло Стоименовски од Делчево, кој живее и работи во Велика Британија, ја реализираше својата прва изложба на фотографии „Делчево од високо“. Иако околу седум години живее во англискиот град Норвич, родниот крај го влече и затоа фотографиите во рамки на изложбата ги направил со голема љубов. Во рамки на изложбата се претставени фотографии направени со дрон од малку поинаков агол, со цел да се видат убавините на Делчево од малку повисоко, но има фотографии направени преку ден и во текот на ноќта. - Во Англија работам седум години, работам во фотографско студио и мои фотографии. Работам и други проекти како што се фотографии и видеа. Делчево е прекрасно место, убав град што со своите убавини пленува, но не е експонирано многу во јавноста и во државата и преку вакви иницијативи може да биде промовирано на многу убав начин, вели Стоименовски. Правењето фотографии за Фелло во почетокот било хоби, а потоа како што вели самиот, прераснало во нешто повеќе. Како дел од својата фотографска работа, во Делчево и порано бил ангажиран при изработката на документарен филм за црквите во источниот дел на земјава, за што разработува и други идеи за промоцијата на ретки, но духовно важни места за овој крај. - Фотографијата за мене почна како хоби, кое се претвори во нешто друго. Сепак себеси се декларирам како фотограф ентузијаст. Во делот на мојата работа имам учествувано во изработката на документарен филм за црквите во источна Македонија. Вистина е дека документарниот филм повеќе е гледан во дијаспората, отколку дома, но тоа е резултат на родољубивиот нарав на Македонците кои живеат надвор од Македонија, со што се покажува дека сепак македонското во себе не изумрело. Во врска со продолжувањето на овој проект се разработуваат идеи што преку видеа и раскази би ги презентирале местата што се ,„непознати” за делчевци, но сепак имаат своја духовна и историска вредност за Македонија и пред се за Делчево, додава Фелло. Во таа насока упати порака до младите дека традицијата и културата се нешта кои го прават народот единствен и уникатен. - Никогаш не се откажувајте од својата историја, традиција и претци, затоа што тоа е нешто што ве прави тоа што сте. Искористете ја секоја можност која ја имате за промоција на нашиот град, традиции и култура, бидејки тоа е нешто што го прави Делчево уникатно, затоа што без традиција историја и култура сме никој и ништо, потенцираше Стоименовски. За соработката со Јавната локална библиотека „Илинден“ на чија иницијатива се реализираше изложбата, вели дека иако живее и работи во Велика Британија, редовно ги следи културните збиднувања во Делчево кои според него, треба да ги има што повеќе. - Тоа што живеам во Англија не ми пречи да ги следам културните и воопшто настаните во родниот град. Но, мое лично видување и мислење кое никако не е променето во последните 10 години е дека Делчево е град што не може да се пофали со културни активности. Но, благодарение на ентузијасти, како што е директорката на библиотеката, во последните неколку години културата во Делчево е поместена од мртва точка. Имам предвид дека се организираат промоции на книги, промоции на изложби, литературни читања и работилници во кои се инволвирани младите кои преку интерактивност ја презентираат литературата и го покажуваат својот талент, кој на друг начин не би имале каде да го покажат, додава  Фелло. Организаторите на изложбата се децидни дека Јавната локална библиотека „Илинден“ - Делчево секогаш ги поддржувала и ќе ги поддржи сите талентирани, способни и креативни наши сограѓани кои нешто создаваат, творат, оставаат нешто зад нив , а сето тоа не е доволно промовирано и видливо. - Бобан Фелло Стоименовски е наш сограѓанин кој живее и работи во Англија. Создава прекрасни фотографии, меѓу кои има и прекрасни фотографии од нашето Делчево. Тоа е една од причините зошто ја правиме оваа изложба, затоа што овие слики од нашиот град заслужуваат да бидат изложени и видени. Друга причина е тоа што пролетта библиотеката имаше трибина на тема авторско право, на која зборувавме за тоа како можеме или не можеме да се заштитиме  ние и тоа што го создаваме. Во исто време Бобан сподели на својот фб профил прекрасни фотографии од Делчево кои за кратко време ги споделија многу луѓе ама малку од нив напишаа дека сликите се на Бобан. Не е потребно никакво ни право ни закон, доволно е да имаме култура и почит кон личноста која нешто создава, па кога ние ќе го споделиме тоа, треба да го напишаме името и презеимето на личноста од која споделуваме. Секаде низ светот тоа е многу нормално и нешто за кое не се размислува  и не се расправа, изјави директорката на библиотеката Биљана Петровска. Преку изложбата „Делчево од високо“ апелираа до сите да го почитуваат авторскиот труд на секој поединец секогаш кога ќе споделат фотографија од некој автор. - Без разлика дали е фотографијам видео, текст или било што, мораме и да напишеме кој ја направил фотографијата , видеото или текстот. Инаку фотографиите на Бобан се изложени во ходникот на библиотеката, ги има околу 17 фотографии од Делчево, сите уникатни, прекрасни, посебни. Сите кои ќе дојдат во библиотеката ќе имаат можност да ги разгледаат, посочи Петровска. Изложбата со оригинален наслов „Delchevo Above“, според неа, е доказ дека кога нешто се сака да се направи за родниот град, далечината не е никаква пречка идејата да биде реализирана. Фотографиите на Стоименовски остануваат во трајно користење на библиотеката и ќе ги красат нејзините ѕидови. Валери Спасевски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан