• понеделник, 23 декември 2024

Декемвриско заседание на Европскиот парламент во Стразбур 

Декемвриско заседание на Европскиот парламент во Стразбур 

Брисел, 11 декември 2023 (МИА) – Од денеска до четврток во Стразбур ќе се одржи пленарна седница на Европскиот парламент, во чии рамки ќе биде организирана и церемонија на врачување на овогодишната Награда за слободата на мислата „Сахаров“, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Заседанието почнува попладнево со дебата за предложените измени на правилата на ЕУ за попрецизно означување на карактеристиките на земјоделско-прехранбени производи, како мед, овошни сокови и џемови, со цел да им се овозможи на потрошувачите при купувањето на овие продукти да бидат подобро информирани за нивните состојки. Во продолжение европратениците ќе расправаат за нивните предлози за изборите за членови на Европскиот парламент предвидени за јуни идната година, поврзани со начините за поттикнување на поголема излезноста и за зајакнување на демократските процеси, како и за механизмот за избор на идниот претседател на Европската комисија. Гласањето по овие предлози е закажано за утре.   

За утре е предвидена и церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ на овогодишните лауреати, покојната иранска активистка за женски права Џина Махса Амини и движењето „Жена, живот, слобода“ во Иран. 

Џина Махса Амини беше 22-годишна Иранка со курдски потекло, која почина во септември минатата година во притвор во Техеран од последици од физичкото малтретирање од страна на припадници на иранските безбедносни служби. Нејзината смрт предизвика масовни протести во Иран против законите со кои се дискриминираат жените во земјата. 

На дневниот ред на утрешното продолжение на парламентарното заседание е дебатата и гласањето за усвојување на Законот за критични суровини, кој има за цел да го зајакне снабдувањето со стратешки суровини и да ја зголеми конкурентноста и суверенитетот на ЕУ во овој сектор. 

За утре попладне е закажана и расправата посветена на состојбата во Газа, во чии рамки европратениците ќе дебатираат со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за потребата од ослободување на сите заложници од страна на Хамас, за постигнување хуманитарен прекин на огнот во актуелниот конфликт и за изгледите за мировно решение за израелско-палестинскиот спор според моделот за постоење на две држави – Израел и Палестина. 

Во текот на утрешниот ден европратениците ќе расправат за измените во правилникот на Европскиот систем за здравствени податоци, со кои би се овозможило полесен електронски пристап до информациите за здравствената состојба на пациентите, вклучително и кога тие се наоѓаат во друга земји членка на ЕУ. Изјаснувањето на пратениците за олеснувањето на пристапот до здравствените податоци е превидено за в среда. 

В среда на дневен ред на седницата е дебата посветена на декемврискиот Самит на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок. На дебатата со претставници на шпанското претседателство со ЕУ и на Европската комисијата, се очекува европратениците да ги изнесат своите барања и очекувања од Самитот.  

Истиот ден е предвидена и дебата на европратениците со шпанскиот премиер Педро Санчез, кој пред Европарламентот ќе ги презентира резултатите од претседавањето на Шпанија со Советот на ЕУ во периодот јули-декември 2023 година. Во пресрет на дебатата, предвидена е и билатерална средба на Санчез со претседателката на ЕП, Роберта Мецола. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан