• вторник, 24 декември 2024

Дебата: Преку издржани закони и нивна правилна примена до подобрување на состојбата во правосудството

Дебата: Преку издржани закони и нивна правилна примена до подобрување на состојбата во правосудството

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) – Детектрирање на слабостите, сериозно и внимателно однесување, издржани закони и нивна правилна имплементација, како и професионалност во вршењето на работата се едни од клучните работи за подобрување на состојбата во правосудството.

Ова беа заклучоците од денешната панел – дискусијата „До правда преку неправда: правосудството дежурна жртва на „повисоките цели“ во организација на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

Поранешната врховна судијка, Вера Коцо, на дискусијата истакна дека сите претставници на државната власт, извршната, судската и законодавната, мора да се однесуваат сериозно.

- Законодавната власт мора да донесуваат закони кои што ќе бидат издржани и сериозни закони. Само таквите закони ќе можат да бидат применливи, а судската власт мора таквите закони правилно да ги имплементира, посочи таа.

Според судијката на Основен Кривичен суд Скопје, Билјана Коцевска, кога секој одговорно би ја работел својата работа, не би се доведувале до вакви ситуации.

- Кога секој одговорно ќе си ја работи работата нема да се доведуваме до вакви ситуации, да се остава ваков впечаток. Треба да се направи пооспежна анализа да се детектираат сите слабости и што треба да се направи во насока на зголемување на довербата кај граѓаните. Верувам во тоа дека со примената на алтернативите мерки ќе го смениме впечатокот, рече таа.

Судијката Коцо на денешната дискусија кажа дека донесувањето на измените на Кривичниот Законик и случувањата во Судскиот совет, оставија многу лоша слика.

- Со право се наметнува прашањето дали граѓаните во една држава треба да го дознаат името на правдата преку неправдата. Високи функционери не успеаја да се справат со своите субјективни слабости, односно, со задоволувањето на личните интереси, а притоа занемарувајќи го она што значи правда и развој на демократски процеси во една држава, го занемарија јавниот интерес и благосостојбата во државата, рече таа.

Коцевска се осврна на предизвиците во казнената политика, со фокус на алтернативните мерки. Таа информираше дека се зголемува бројот на примената на институтот пробацијa и посочи дека е неопходно судиите да се охрабрат да ги применуваат овие казни.

- Бенефитот со истекувањето на условните осуди со заштитен надзор и општокорисна работа е многу голем, потенцираше таа, дополнувајќи дека е потребна поголема промоција и обуки за сите, за граѓаните да знаат кога ќе се судрат со законот какви права имаат и што можат да бараат.

Како едни од клучните причинители на ситуацијата во правосудниот систем, на денешната дискусија беа посочени избирањето на судии преку врски и избирањето на членови на Судски совет од редот на стручни соработници. ар/аа/

ФОТО/МИА

 

Остани поврзан