• вторник, 05 ноември 2024

Дебата НКЕУ-МК: ВИ да се воведува постепено, имаме талент за развој на технологии, но младите да останат овде и да работат софтверски решенија за државата

Дебата НКЕУ-МК: ВИ да се воведува постепено, имаме талент за развој на технологии, но младите да останат овде и да работат софтверски решенија за државата

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) – Како држава имаме многу талент и овде се развиваат чудо од технологии поцрзани со вештачката интелегенција. Но младите бегаат и клучно е да се направат институционални напори тие да останат овде и да работат за софтверски решенија за државата. Вештачката интелигенција (ВИ) треба да се воведува внимателно и етапно во управувањето со јавните финансии, при што ќе се обезбеди постепена адаптација на системите и персоналот. Треба да се обезбедат строги безбедносни системи и постапки за користење и пристап до лични податоци кои можат да бидат искористени и злоупотребени за погрешни цели, со што ќе се обезбеди заштита на приватноста на граѓаните и ќе спречи потенцијални злоупотреби на податоците. Граѓанското општество може да игра клучна улога во застапување за дигитална писменост, транспарентност и праведен пристап до дигитални алатки и услуги, како и градење капацитети и образование, при што треба да се вложува во програми за градење капацитети и системски обуки за подобрување на дигиталната писменост кај јавните службеници и граѓаните. 

Ова се дел од препораките од Третата сесија на Работната група 6, Антикорупција, Поглавје 5 на тема „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“.

Јури Кивимае, аналитичар на податоци во Одделот за разузнавање во Царината на Естонија, посочи дека државата ја почнала дигитализацијата уште од стекнувањето на независноста од Советскиот сојуз.

- Во 2002 година започнавме да издаваме лични карти коишто овозможуваа дигитален потпис и со кои се овозможуваше пристап до се поголем број на он лајн услуги. Во 2012 воведовме и мобилни лични карти, по што следуваа и паметни лични карти, кадешто не се бараше употреба на овој документ за идентификација, рече Кивимае.

Денес, додаде тој, во Естонија има широк опсег на јавни услуги што се достапни на Интернет, на пример, вели, можете да го проверите здравствениот картон, да регистрирате фирма, да регистрирате возило, како и да ги проверите вашите имотни и катастарски информации.

Во однос на Одделот во естонската Царина, вели дека ја автоматизирале декларацијата, при што формуларите веќе биле пополнети.

-Успеавме 99 проценти од декларациите да се поднесуваат на дигитален начин, но како што се дигитализиравме, така се јавуваше и потреба од складирање податоци, како и креирање политики на управување како да се постапува со овие податоци. 

Во Естонија, вели тој, алатките за вештачка интелегенција (ВИ) се нарекуваат кратови, според митско суштество од естонскиот фолклор, при што во државата во моментот се користат над 80 кратови (алатки) што извршуваат повеќе задачи на луѓето а се засновани врз ВИ технологија.

-Еден од примерите за ова е автоматска транскприпција во реално време за јавните телевизии. Уште еден добар пример е користењето сателитски снимки за терен, исто така итните служби имаат транскрипција на повиците кои ги добиваат, а во јавните служби имаме ВИ чет, појаснува Кивимае.

Во однос на спроведувањето на ВИ во јавниот сектор, вели дека има различни методи во разработката на модели – од компанија која има добра репутација на разработка на модели за ВИ, до одреден научник, но напоменува дека не е евтино ако треба да се промени моделот на ВИ и додаде дека доколку не се внесуваат квалитетни информации, моделот на ВИ нема да вреди.

Кивимае истакнува дека има многу соработка внатре во ЕУ во однос на користењето на ВИ, потсетувајќи на програмата Фискалис, во која Северна Македонија веќе е дел од неа.

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Боро Јакимовски, рече дека дигиталната инфраструктура е основа на која се гради дигиталната трансформација и дека тоа е предизвик за една мала држава како што е Македонија.

Истакна дека Факултетот е посветен на квалитетен кадар, пред се софтверски инженери, коишто ќе бидат вклучени во компаниите што ќе работат софтверски решенија за надвор и за земјава.

-Реалноста е дека поголем дел од нив работат во компании во странство, и секако треба да се направи напор во рамки на соодветни институции, да може да се вклучат истите и во развој на софверски решенија и во државава, рече Јакимовски.

Централизацијата на ресурсите, на системите, додаде деканот, ќе доведе до поекономично трошење на ресурси, и можноста на некој начин за пренасочување на тие средства за развој на софтвер, којшто на крајот ќе заврши со ангажирање повеќе инженери, и истите би работеле на решенија што се за државата.

Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и професорка на УКИМ, истакна дека дигитализацијата е трансферзален аспект кој треба да се усогласи со другите политики на ЕУ, меѓу кои особено значајна е зелената агенда. 

-Дигиталната трансформација е меѓу високите приоритети на ЕУ со која се настојува да се подигне нивото на компетитивност на економијата поттикнувајќи ги сите економски чинители да ја зголемат својата одржливост и да ги зајакнат перформансите на единствениот европски пазар. Во стратешките документи е нагласено дека овие цели не би се исполниле без вклучување и учество на јавниот сектор низ ЕУ. Во тој контекст би сакала да го истакнам Единствениот дигитален портал на ЕУ кој со регулативата од 2018 ги обврзува националните администрации на државите членки да развиваат мрежа на национални портали со цел создавање на голема база на податоци достапна за граѓаните и бизнисите. Овој аспект е исклучително значаен со оглед на имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан и функционирањето на единствениот пазар во регионални рамки, рече Ѓуровска. 

Според неа, доколку правилно се употреби, може да биде ефективна антикорупциска тактика бидејќи го поедноставува пристапот до јавните услуги и ги намалува потенцијалните можности за поткуп преку ограничената употреба на дискреционите права. 

-Дигиталната трансформација е сложен процес. Може да трае долго, но се препорачува низ целиот период на нејзино развивање да се одржува активно учество и отворен дијалог на сите засегнати страни, меѓу кои граѓанското општество и медиумите коишто имаат значајна улога во обезбедувањето на транспарентност на процесот – многу значајна за да се заштити самиот процес од технократски, бирократски и други злоупотреби. Оваа синергија е неопходна за ефективно поврзување меѓу развиените дигиталните технологии и организацискиот, односно политичкиот, културолошкиот и другите аспекти во домашниот општествен амбиент, рече Ѓуровска. 

За Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет при УКИМ и поранешен министер за финансии, ВИ треба да се вклучи во системот за јавни финансии и да се направи достапна за сите, како за државите така и за граѓаните.

Од аспект на сигурноста на ВИ, Тевдовски посочи дека тоа е важно, бидејќи треба да се знае кој има достапност до системот за јавни финансии.

-Да се има визија и план да не се оди само по себе, ние ако земја имаме научени лекции од процесот на дигитализација што се случува во последните две до три децении. Да се инвестира само ако е подобро за суштината на институциите и за граѓаните, рече Тевдовски.

Нагласи дека за вештачката интелегенција е најважно луѓето кои работат во институциите, бидејќи тие треба да се вреднуваат и да се вложува во нив.

Диме Галапчев, претставник на Стопанската комора и коосновач и извршен директор на FinqUp, вели зборот дигитализација се користел пред 20 години, и е срамота што се уште зборуваме дека некаде се уште се бара дигитализација, дека се користи хартија, а сакаме да зборуваме за вештачка интелигенција.

-Она за што треба да зборуваме е всушност модернизација. На она што е дигитализирано може да се додаде следниот чекор и автоматизацијата. Но треба да се вратиме наназад на се она каде што се нема пристап до податоци. Еден од нашите производи е вештачка интелигенција што прави фундаментална анализа на бизниси, каде што закачувате бизнис план или некоја презентација од бизнисот, тоа проверува се, да не има нешто лошо ги проверува  по регистри, ги проверува трошоците, кои се законите со кои се ограничува тој бизнис. После зема сето ова го проверува и го спроведува со други бизниси, вели тој.

Тој истакна дека она што кај нас го работеле во последните 40 години и како се оценувало е само техничка анализа, анализата на бројка.

-Како држава имаме многу талент, иако бегаат, овде се развиваат чудо од технологии. Сите што ги наброја експертот во Естонија, секоја технологија што ја има од мобилна апликација за секоја владина услуга, до цели што се вештачки интелигенции ќе помогнат за се. Го има во Македонија, го има во македонски компании направено, од македонски луѓе. Но не го продаваат во Македонија, не се имплементира во Македонија, бидејќи имплементацијата испаѓа дека е поголем трошок од самото развивање на системите, нагласува Галапчев.

Како и другите соговорници и тој повтори дека ВИ е добра, колку што се добри и податоците.

-Второ е пристап и автоматизација на сите можни услуги. Значи ако пред 150 години една нива или земјоделието се користело добиток и плуг и мотика, сега е смешно да му кажеш на земјоделецот да не користи трактор. Значи ние мораме прво да автоматизираме сите процеси што се, пред да почнеме да размислуваме за воведување на следниот чекор на вештачката интелигенција, заклучи Галапчев.

Мила Јосифовска Даниловска од Метаморфозис, говореше за дигиталната трансформација во национален контекст и посочи на важноста на дигитализацијата која треба да е приоритет.

-Ова подразбира дека процесите и услугите треба да се подобрат со примена на дигитални решенија, внатре во институциите и институциите со граѓаните, нагласи Јосифовска Даниловска.

Според неа, модернизацијата или воведувањето на дигиталните технологии не треба да биде префрлена само врз ИТ лица, туку треба да бидат вклучени сите чинители. Вели дека Националната платформа за интероперабилност има слаба искористеност, а исто така слаба искористеност имаат и Документ менаџмент системот и Националниот портал за е-услуги. Како дел од дигиталната трансформација ги спомена и „АДА“ дигиталниот асистент базиран на ВИ и Порталот за отворени податоци. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан