• недела, 22 декември 2024

Дебата на НКЕУ-МК за Кластер 1: Правосудството мора да биде независно, непристрасно, ефикасно и ослободено од секаков политички притисок

Дебата на НКЕУ-МК за Кластер 1: Правосудството мора да биде независно, непристрасно, ефикасно и ослободено од секаков политички притисок

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Правосудството мора да биде независно, непристрасно, професионално и ефикасно и да биде ослободено од секаков политички притисок. Во државава постојат добри закони на хартија, но проблемот е во нивната имплементација. Со измените на Kривичниот законик од 7 септември 2023, извршната власт директно се вмеша во работата на судовите, со што овие измени директно влијаеа на исходот на кривичните постапки поврзани со висока корупција кои беа во тек. Застарувањето на овие високо профилни случаи кои беа од јавен интерес и континуирано беа следени, негативно се одразија на квалитетот на правосудните органи.

Ова беше посочено на панелот „Предизвиците на владеење на правото на Западен Балкан: Нови хоризонти за старите прашања“, во рамки на Седмата пленарна конференција на тема „Кластер 1: Фундаментални вредности на ЕУ - соочување со новите предизвици во контекст на проширувањето“, во организација на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика, истакна дека ако како држава се справиме добро со владеењето на правото, тогаш процесот на пристапување станува полесен. -Не е случајно што Кластер 1 се нарекува Темели, без темелни вредности не можете да развиете успешен проект, не можете да изградите здрава куќа ако немате добри темели, рече Стражај.

Според него, дури и земјите-членки не се имуни по прашањето на владеење на правото, но затоа, вели, Европската Унија разработи многу ефективен одговор на тоа. -Ако земјите-членки работат во согласност со овие темелни вредности, постои механизам кој може да се употреби, со цел оние земји-членки кои не се во согласност со тоа, да бидат натерани да размислуваат да го поправат своето функционирање. Истото важи и за земјите-кандидати. Тоа значи дека владеењето на правото и темелните вредности не се важни само за процесот на пристапување, туку и во самото членство, рече Стражај.

Претседателот на Законодавно-правната комисија на Собранието, Александар Велјановски, истакна дека Македонија е веќе 20-та година пред влезот на ЕУ и дека предолго трае тоа очекување да се случи тој чекор напред.

-Иако како држава спроведовме многу реформи на патот кон ЕУ, но за жал и денес се соочуваме со непринципиелни блокади кои потекнуваат од билатерални прашања кои упорно се јавуваат како нови барања и на тој начин ја намалуваат надежта и играат со трпението на граѓаните кои се критичари на процесите и имаат тенденција да ја напуштаат државата, рече Велјановски.

Како правник, додаде тој, сметам дека во Македонија постојат добри закони на хартија, но проблемот е во нивната имплементација што создава проблеми во практика.

Оља Ристова, судија при Основниот кривичен суд, Скопје, истакна дека постојано зборуваме за реформи во правосудниот сектор и еден од клучните предизвици секогаш е влијанието на извршната власт врз судството.

-Вообичаено ова влијание се прави преку разни механизми на власта и индиректно, а потпомогнато со клиентелизмот на одредени носители на судските јавнообвинителските функции. Со измените на Kривичниот законик од 7 септември 2023 година извршната власт директно се вмеша во работата на судовите. Имено овие измени директно влијаеа на исходот на кривичните постапки поврзани со висока корупција кои беа во тек. Поголемиот дел од овие постапки беа запрени поради настапување на застареност на кривичното гонење, рече Ристова.

Таа нагласи дека застарувањето на овие високо профилни случаи кои беа од јавен интерес и континуирано беа следени, негативно се одразија на квалитетот на правосудните органи.

-Се поставува прашањето зошто власта мораше да интервенира на овој начин? Една од причините е дека не сите судии и обвинители се подложни на влијанија. Се покажа дека само врз мал дел од судиите може да се влијае, додека поголемиот дел од судиите кои не беа подложни на влијанија постапките ги водеа професионално и независно. Се случи преседан, власта ги донесе измените на Кривичниот законик, но работната група која работеше на измените на Кривичниот законик излезе со став дека воопшто не била информирана за овие измени кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, укинување на кривичната одговорност за јавните набавки, злосторничко здружување и слично, истакна Ристова.

Генерално, додаде таа, интервенцијата во законот беше ублажување на казнената политика за кривичните дела поврзани со висока корупција.

-Со драстично намалување на казните се овозможи застареност на кривичното гонење во голем број кривични постапки. Овие измени на Kривичниот законик предизвикаа силни реакции од стручната јавност, граѓанските организации, меѓународните организации и граѓаните. Воедно придонесоа до дополнително намалување на довербата во судството, која е и така ниска, истакна Ристова.

Радица Лазареска Геровска, државен советник за извршување, нотаријат и медијација при Министерството за правда, оцени дека кога зборуваме за недоследностите во владеењето на правото, проблемите се истите низа години наназад, но од нас се очекува совладување на истите, за најпосле да го започнеме долгоочекуваниот процес на преговори.

-Министерството за правда е посветено на обезбедување добра и квалитетна рамка за работа на правосудните инстиуции и нивно успешно функционирање. Утврдени се цел сет мерки во насока на владеење на правото, унапредување, трансформација, разрешување на судии и обвинители, со цел да се унапреди судството и обвинителството во согласност со ЕУ, рече таа.

Но за нефункционалностите, додаде, не смееме да се задржуваме кон вперување прст кон еден или кон друг, туку напротив напротив треба да се признае дека со одредени одлуки сме потфрлиле и затоа, вели таа, потребно е заеднички да делуваме, бидејќи на тој начин може да дојдеме до реформи во судството, но за ваквата заложба потребна е и соработка од страна на судската власт.

Стефан Гојковиќ, претседател на Асоцијација на судски помошници во Србија, рече дека правосудството мора да биде независно, непристрасно, професионално и ефикасно. -Тоа мора да биде ослободено од секаков политички притисок. Што се однесува до непристрасноста, мора да постои јасен систем на напредок, рече тој.

Саимир Топузи, експерт од директоратот за политики и стратегии во областа на правдата, при Министерство за правда на Албанија, рече дека во недостиг на независнио судство, правдата станува недостижна за граѓаните. 

-Албанија ги направи првите чекори, ги има адресирано препораките од извештајот од ЕУ, како и патоказот за правна држава. Правната држава е постојан процес и цел за да имаме успех, потребно е институциите да ги здружат силите и да изградат поодржлива правда за сите нас во регионот, вели тој.

Дарко Аврамовски од граѓанското здружение „Сите за правично судење“, оцени дека владеењето на правото не е само прашаење на судството и на судовите - неуспехот на полицијата да се справи со сообраќајниот хаос, вели тој, е исто така прашање на владеење на правото, пушењето во канцеларија е прашање на владеење на правото...

-Цел Западен Балкан се соочува со исти проблеми и тие не заслепуваат да не се подготвиме на предизвиците на иднината. Чувството на одговорност е важно за системот да функционира. Судовите не можат да го разбудат чувството кај граѓаните дека правдата е задоволена, тоа е последица на однесувањето на сите лица кои се засегнати со тоа. Како држава имаме слаба реакција во јавноста, има отсуство на системски одговор, не гледаме како системот во пракса функционира и мора сите да преземеме одговорност и начин како да го поправиме тоа, оценува Аврамовски. нд/ац/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан