• понеделник, 23 декември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Во ера на пораст на тероризмот, неопходно е носење на закон за критична инфраструктура

Дебата на НКЕУ-МК: Во ера на пораст на тероризмот, неопходно е носење на закон за критична инфраструктура
Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) - Во ера на глобализација и несигурност, како и пораст на разни видови тероризам, носењето на законот за критична инфраструктура е повеќе од неопходно. За таа цел Владата и релевантните институции треба да го забрзаат процесот на подготовка на закон за критична инфраструктура. Заштитата на критичната инфраструктура што ги опфаќа сите физички и организациски процеси нужни за нормалното функционирање на државата и општеството е наша обврска од членството во НАТО, од аспирацијата за членство во ЕУ но и национална задача од прв ред.
Ова го заклучија учесниците на десеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, во рамки на Националната конвенција за ЕУ на Северна Македонија, посветена на „Спречување и борба против тероризмот: Националната и европската перспектива во идентификувањето и заштитата на критичната инфраструктура“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето се осврна на потребата од сеопфатно концепциско решавање на заштитата на критичната инфраструктура, при што ја потенцира потребата од интегриран пристап, односно изградба на системски и целосен концепт на заштита на критична инфраструктура, со идентификување на сите релевантни капацитети во јавниот и приватниот сектор.
- Потребата од носење посебен закон за заштита на критичната инфраструктура е веќе предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, кој во октомври 2019 година го потпишавме со ЕК и со кој преземавме обврска да го изготвиме и донесеме наведениот закон. Меѓутоа, тоа не е само обврска на нашиот пат кон ЕУ, туку должност пред нас самите, одговорност кон државата и нашите граѓани, рече Спасовски.
Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолски, истакна дека се прават сериозни активности околу подготовката на законот за критична инфраструктура, при што е одлучено Министерството за одбрана да биде институцијата што ќе работи на изготвување на законот за критична инфраструктура.
- Посебен фокус, кога се зборува за критична инфраструктура, треба да се обрне на актуелната опасност што сега се истакнува а е тренд во борбата против тероризмот е од можноста за загрозување на критичната инфраструктура со напад од дронови. Ние како држава мора да размислуваме и за заканите кои следат за загрозување на критичната инфраструктура. За да се обезбеди ефикасна заштита на критичната инфраструктура мора да се градат партнерства на реална основа со сите учесници и чинители кои учествуваат во заштитата на критичната инфраструктура. Посебен проблем претставува и заканата од кибер напад, а ние како држава мора да одговориме на модерните закани, истакна тој.
Според него, најчесто мета на напад се енергетски системи, интернет провајдери, а посочи и дека треба да се развие регионалната соработка во заштитата на критичната инфраструктура.
Александар Спасов, советник за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања на претседателот на Северна Македонија и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ рече дека претседателскиот центар за политичко образование во изминатата година својот фокус го насочи и кон проблематиката на законското регулирање и ефикасната заштита на критичната инфраструктура во државава.
- Во ера на глобализација и несигурност ваков закон и неговата соодветна примена е повеќе од нужно. Заштитата на критичната инфраструктура што ги опфаќа сите физички и организациски процеси нужни за нормалното функционирање на државата и општеството е наша обврска од членството во НАТО, од аспирацијата за членство во ЕУ но и национална задача од прв ред, посочи Спасов.
Марина Митревска, професор при Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет при УКИМ, исто така ја истакна потребата од носење закон за критична инфраструктура, истакнувајќи оти ова е инклузивен процес во кој треба да се внимава и на јавното-приватно партнерство, и дека треба да се вклучат повеќе институции.
- Тука е важен усвоениот документ во областа на критичната инфраструктура - Директивата 2008, затоа што таа има за цел да воспостави сеопфатен процес на заштита на критичната инфраструктура на ниво на земјите-членки на ЕУ, на ниво на ЕУ во целина а за нас е важно тоа што земјите кандидати, како што е примерот со С Македонија, мора да ја спроведат истата Директива пред официјалното пристапување во Унијата, истакна Митревска.
Роберт Микац, професор на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб, истакна дека секоја земја зависи од критичната инфраструктура и оти е важно секоја земја да поседува разни објекти, мрежи, инсталации, кои и се значајни за секојдневно одржување на државните функции, за спробведување на законот, за здравје, безбедност и заштита на граѓаните.
- Според Директивата 2008 треба да се регулираат два сектора - енергија и транспорт, а исто така е битно и сите сектори да се меѓусебно поврзани. Во тек е изработка на нова Директива што ќе ја замени таа од 2008 и ќе се нарекува ЦЕР директива и со досегашните два сектори ќе ја прошири надлежноста на поголем број сектори и нема толку да биде фокусирана на прашањето на самата безбедност, туку ќе се прошири и кон самиот пазар, рече тој.
Микац истакна дека Хрватска почна да ја применува Директивата пред влезот во ЕУ, а закон за критичната инфраструктура го донеле во 2013 година.
- Во однос на Северна Македонија во тек е проект што почна неодамна во соработка со СЕП и со Министерството за одбрана, во кој треба да организираме три работилници за експерти што ќе работат на законот за критичната инфраструктура, и веројатно во април тоа ќе резултира со прв нацрт закон за критичната инфраструктура, посочи Микац.
Бојан Елек, заменик директор на Белградскиот центар за безбедносна политика и Координатор на Работна група за Поглавје 24, НКЕУ – Србија, истакна дека Србија го донела законот за критична инфраструктура во 2018 година.
- Во Србија веќе стравуваме дека постои тренд прописите што се однесуваат на тероризмот да се злоупотребат за ускратување на слободите и дополнителен притисок на граѓанското општество, оцени тој.
Тони Милески, професор на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет при УКИМ, истакна дека стартната позиција што ја има македонското општество, односно немање регулатива, неотпочнатите чекори за изградба на системот за заштита на критичната инфраструктура, треба да размислуваме за двата концепта - концептот за заштита на критичната инфраструктура но и концептот за еластичност на критичната инфраструктура, кои не се идентични, но се комплементарни.
- Со концептот на еластичност е опфатено минимизирањето на траењето на несаканиот настан, со што одредени објекти, односно субјекти би можеле што е можно поскоро да се вратат во нормалното функционирање, појасни Милески.
Тони Станковски, помошник на директорот на Единицата за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитет во МВР, истакна дека полицијата покрај останатите должности и овластувања презема соодветни мерки за заштита на определени објекти.
- Постојаните брзи промени и глобализацијата водат кон пораст на безбедносните ризици со што глобалната безбедносна слика станува комплексна и критичната инфраструктура добива нови димензии и се поголемо значење на национално и меѓународно ниво, истакна Станковски.
Трпе Стојановски НКЕУ-МК – експерт и професор на Факултет за безбедност на УКЛО Битола рече дека прашањето за тероризмот е едно од клучните прашања и тоа се гледа во годишниот извештај на ЕК за РСМ, каде што во Поглавјето 24, тероризмот е на исто ниво по важност како и организираниот криминал, што само упатува на сериозноста на овој феномен.
Словачкиот експерт Томаш Стражај, директор на Словачка асоцијација за надворешна политика, Братислава, истакна дека борбата против тероризмот не е ограничена на одреден регион. Тој изрази загриженост за случувањата во Украина, како и за другите безбедносни ризици со кои државите треба да се соочат.
Учесниците во сесијата донесоа предлог-препораки според кои Владата, релевантните инситуции, како и другите чинители да преземат инцијативи за поблиско запознавање и афирмирање на пристапите на ЕУ во областа на заштитата на критичната инфраструктура, како и да го забрзаат процесот на градење на национален пристап според насоките во ЕУ пристапот каде се истакнува значењето на градење на посебен национален идентитет во заштитатата на критичната инфраструктура.
Натаму учесниците се согласија дека со оглед на фактот дека градењето на националниот пристап за заштитата на критичната инфраструктура е сложен процес кој се одвива во повеќе фази се препорачува Владата и релевантните институции најпрво да се насочи кон идентификација и означување на европските критични инфраструктури и да се иницираат разработени планови за подобрување на нивната заштита.
Во предлог-препораките исто така се наведува дека националниот пристап за заштитата во процесот на идентификација на критичната инфраструктура најпрво треба да се посвети на заштитата на телекомуникациите, системите за производство на електрична енергија, дистрибуција на енергија и вода. нд/дма/

Остани поврзан