Дебата и обука на тема „Еднаквост и недискриминација“
- Општата цел на проектот е да се унапреди партиципативна демократија преку воспоставување дијалог за унапредување на системите, преку примена на инклузивната еднаквост во политиките на локално ниво.
Скопје, 25 октомври 2025 (МИА) - Здружението „Аксиос“ во соработка со „ЗЕТА - организација за попреченост и правда“, во рамки на проектот „Инклузивна еднаквост" за 2025 година - финансиски поддржан oд Владата, во Скопје организираа дебата на тема „Еднаквост и недискриминација“.
Општата цел на проектот во вид на обука е да се унапреди партиципативна демократија преку воспоставување дијалог за унапредување на системите, преку примена на инклузивната еднаквост во политиките на локално ниво. Оттука и целта на оваа обука, според домаќините, е зајакнување на капацитетите на различни чинители на управувањето, кај властите и во граѓанските организации со нагласка на здруженијата на лица со попреченост, и со посебен фокус на еднаквоста, недискриминацијата и инклузивната еднаквост.

Во улога на обучувачи се најдоа Елена Кочоска и Јулијана Климоска - претставнички на „ЗЕТА“. Тие говореа за човековите права, за еднаквост, зачувување на човечкото достоинство, вклученост и учество во општествените текови, посебно во обликувањето на политиките што засегаат одредена заедница или група во општеството, а стана збор и за разликата меѓу рамноправноста (equality) и изедначување на можностите (equity) итн.
- Меѓународната легислатива препознава три форми на еднаквост. Првата е формалната еднаквост (сите граѓани се еднакви пред Законот). Но, и покрај тоа што државите увиделе дека сите треба да бидеме еднакви, се покажало дека не сме исти. Тоа значи дека еднаквоста се однесува на човековите права и не вели дека сите мора да бидеме исти, а во тие „еднаквите“ има и групи кои се исклучени од сѐ тоа. Тоа води кон востановувањето на суштинска или материјална еднаквост, каде што вика дека одредени групи, поради своите идентитетски одлики, не можат да ги уживаат своите права. Жените, на пр., дури во 1978 г. почнуваат да го уживаат правото на глас. Тоа е втората генерација човекови права. Инклузивната еднаквост оди уште понатаму. Таа трета форма на еднаквост подразбира партиципативност, објасни Кочоска.
Тоа го илустрираше со постојната кампања, каде што кандидатите ги прашуваат граѓаните што им треба ним и на општините. Со тоа, граѓаните учествуваат во креирањето на политиката. Тој принцип говори дека правото му припаѓа на граѓанинот, и тој треба да одлучува како ќе го искористи.
Натаму се говореше и за дискриминацијата. Во таа смисла, стана збор и за несоодветните називи коишто се навредливи за одредени групи. Таков е називот „сакат“, па и „инвалид“ и сите негови изведенки. Како што вели еден учесник во дебатата, „ние не сме ниту неважечки, ни безвредни, ни бескорисни“, како што гласи преводот на поимот „инвалид“.

- Понижувачко е. Ние сме лица /граѓани со попреченост /оневозможеност. Името и именувањето на нешто, на некого или на себе - го обликува погледот, перцепцијата кон тие нешта, кон себе и кон другите. Секогаш велам: Почитувај се себе, за и другите да те почитуваат. Секогаш има начин да не се употребат тие зборови и изведенки и да се заменат со посоодветни и подостоинствени називи. Јазикот ни е доволно богат!, ќе рече дискутантот.
Дискриминацијата, како што појасни Кочоска, може и треба прецизно да се препознае, поставувајќи прашања и незлоупотребувајќи го тој поим за случаи каде што нема дискриминација. Само така, според стручњаците, можна е поделотворна борба против дискриминацијата на лицата со попреченост, жените, ЛГБ-заедницата, одредени етнички и национални малцинства и други заедници во општеството.
- Во рамките на заложбите за унапредување на еднаквоста и недискриминацијата, се одржа тридневна работилницa на тема „Еднаквост и недискриминација - основа за инклузивно општество“, на којашто учествуваа претставници од локалната администрација и организации на лица со попреченост. Работилницата имаше за цел да го зајакне капацитетот на институциите и организациите на лица со попреченост за примена на принципите на инклузивна еднаквост, и унапредување на човековите права. Во текот на тридневната програма, учесниците дискутираа за еднаквоста како и правните основи за забрана на дискриминација, улогата на јавните службеници во обезбедување пристапни и инклузивни услуги, како и за практичните механизми за заштита на човековите права. Настанот претставува дел од пошироките активности за зајакнување на институционалната култура на еднаквост и соработка со организациите на лица со попреченост, со цел создавање општество во коешто различностите се прифатени како вредност, а не како бариера, изјави Кочоска за МИА.
Работилницата е организирана од страна на здружението „Аксиос“, во соработка со „ЗЕТА - организација за попреченсот и правда“, со помош на Владата, во рамките на повикот за финансиска поддршка на здруженија и фондации за 2025 година. си/лв/
фото: Елена Кочоска