Дебата за Извештајот на ЕК на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања
- Висок претставник на земја-членка на ЕУ, додаде тој, бил прилично јасен во неговото излагање дека во моментот во ЕУ не постои консензуз за нови полноравни членки, и дека е време да се почне да се размислува за некое меѓу-решение коешто би значело повеќе интеграција, но без полноравно членство, до моментот додека да се создадат услови за полноправно членство. -И затоа она што ние го бараме од ЕУ, и тука не ја спорам волјата на Европската комисија, таа секогаш била искрен партнер, но тоа што го бараме од ЕУ и од некои земји-членки е само поголема искреност, заклучи Милошоски.
Скопје, 17 ноември 2025 (МИА) – Последниот извештај на Европската комисија денеска беше разгледан на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања. За претседателката Гордана Сиљановска Давкова извештајот има многудобри податоци и критики, што добро треба да се анализираат и да се постапи по нив, но понекогаш, кажа, оценките на ЕУ во вордингот некогаш се раководат од некоја клучна цел, од она што е најважно во моментот за ЕУ. За евроамбасадорот Михалис Рокас, пак, најголема загриженост преставување немањето напредок во областа на владеењето на правото.
-Најмногу загрижува областа на владеењето на правото, нема никаков напредок во функционирањето на судството и нема никаков прогрес во борбата против корупцијата, и за последното веќе три години по ред, рече Рокас на заедничката седница.
Според него, целокупната независност и финансиската независност на судството е поткопана од мешањето на други државни гранки. За жал, рече тој, тоа исто така ги вклучува и обидите и на парламентот да врши притисок врз членови на судството да дадат оставка.
-Клучно е и спроведувањето на уставните амандмани на кои државата се обврза како дел од интегрирањето од Европската Унија. Јас сметам на вашите чекори да се движите напред, рече евроамбасадрот.
Тој додаде дека измените на Кривичниот законик, заедно со аки-то на ЕУ одамна се надвор од роковите, нагласи дека треба да се има законска предвидливост и да се избегне перцепцијата на неказнување на казнени дел и други злодела.
-Собранието ја врши својата улга на ефективен начин но се уште постои поларизација за доцно усвојување на извештаи и некои рокови, и во ваши раце е да се продолжи со постапките на изборот на новиот народен правобранител и неговите осум заменици, рече Рокас.
Истакна дека се земаат и предвид заклучоците на ОДИХР и да се почне со изработка на новиот изборен законик, при што, нагласи, клучно е да се обезбеди транспарентен процес. Рокас потенцира дека генерален е трендот на забавување на реформите, но има добар напредок во науката и царината.
-Ги поздравуваме напорите на Северна Македонија во надворешните односи и во надворешната и безбедносната политика на ЕУ и таа е во целосна линија со Европсската Унија и цениме што имаме таков партнер од доверба од наша страна, истакна Рокас.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната заедничка седница нагласи дека по 16 пат, овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. Според неа, ако има оценка или натпревар за политичка спремност, тогаш ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето, резултатите ги гледаме.
- Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време за време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи. Но за мене, и претходно и сега ЕУ е уникатна политичка филозофија ја поддржуваат сите актери, јавноста на Балканот, ЕУ е перспектива, ЕУ е мотив за демократски реформи, Унијата стимулира реформи што водат до траен мир и стабилбост. Сигурна сум дека нашата интегрираност во ЕУ ќе стави крај на феноменот балканизација, како феномен на постојано менување на границите, рече таа.
Таа потсети на некогашната изјава на поранешниот еврокомесар Оли Рен дека не сме проблем за апсорпциониот капацитет на Унијата. Посочи дека ЕУ не е невин играч во се што се случуваше, туку „немаше јасна стратегија, доцнеше на Балканот, побрзи понекогаш беа САД, не беше доследна во мировното здружување, па и денеска преферира двојни стандарди“.
Според неа, сите оценки не можат да се апстрахираат од едно основно барање, а тоа е барањето за уставни измени.
- И кога го оценувам овој момент не можам да тргнам само од оваа констација дека годинава е најважна, туку најчесто извештајот е за период од три години. Во извештајот се вели дека нема исчекор или дека има ограничен исчекор или дека се потребни реформи. Мора еднаш прво да се ослободиме од вордингот дали има или нема политичка волја. Политичката волја е процес, таа се формира врз основа на анализа, врз основа на споредба за добрите и лошите страни и не може политичка волја да биде само нешто што оди на линија на она што е предвидено, рече Сиљановска Давкова.
Претседателката коментирајќи го извештајот, посебно потенцираше за барањето за уставни измени.
- Можете да го видите извештајот на Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците, дека „решенијата од овој закон се над европските решенија“. Зборувам за малцински прашања. Мислењето на Венецијанската комисија за Уставот на Бугарија тука се бара од Бугарија „правата на лицата што припаѓаат на националните малцинства мора да бидат заштитени на ниво на Уставот“. Колку држави во Европа имаат одредби за заштита на правата на малцинствата. Многу малку, дури и придавката „француски предлог“ не знам дали соодвевстува бидејки Франција има извонредно развиена демократија, но не ја потшишува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, па затоа оваа придавка виси, нагласи Сиљановска Давкова.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кажа дека Извештајот на ЕК претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.
Муртезани посочи дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.
-Во проценката на ЕК може да се забележи повеќеслојна слика. Од една страна, подготвеноста на државата е оценета како стабилна и на задоволително, па дури и добро ниво, со постепено подобрување во споредба со претходните години. Во повеќе области, меѓу кои статистиката, царината, слободното движење на капитал, дел од економските критериуми, информатичкото општество и усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Северна Македонија покажува квалитет кој ја става меѓу најподготвените земји кандидати во регионот. Тоа е резултат на континуитет во институциите, како и на засилената реформска насоченост на оваа Влада, особено во делот на дигитализацијата и економските политики. Од друга страна, динамиката на напредокот и понатаму останува умерена и недоволна во клучните области, што укажува дека нашата подготвеност не секогаш се претвора во резултати со потребната брзина, рече министерот.
Тој истакна дека европската интеграција не претставува само технички или административен процес, туку долгорочен државен напор што се темели на визија, институционална зрелост и политичка истрајност.
-Оваа Влада постави јасен приоритет да го забрза донесувањето на Кривичниот законик во согласност со европските стандарди, да го зајакне институционалниот капацитет на обвинителствата и судовите, да овозможи реални услови за проактивно делување на Државната комисија за спречување на корупцијата и да осигура дека борбата против системските слабости добива конкретен исход. Реформите во правосудството не се ни технички ни политички потфат. Тие се темелот врз кој стои европската перспектива, мерка за легитимитет пред граѓаните и клучен критериум во процесот на отворање и затворање на кластерите и поглавјата, нагласи Муртезани.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски, рече дека ги прифаќа забелешките на евроамбасадорот по однос на владеење на правото. - Ние имавме една замисла за структурно-методолошко и кадровско реформирање на Судскиот совет, но имавме реакии дека не треба да се прави таков радикален потег. Еве го Судскиот совет и денес со перформанси кои не можат да бидат посилни од што биле, немаат капацитет да го сменат нивниот начин на прифатено однесување, рече Милошоски.
Во однос на евроинтеграциите, Милошоски посочи дека ЕП и ЕК секогаш биле сојузници на процесот на проширување на ЕУ, но не и сите земји-членки.
-На крајот одлуката дали проширувањето ќе биде приоритет што ја носи Советот на ЕУ. И таму две или три повлијателни членки можат да одлучат дека процесот не е приоритетен. И денес зборуваме за блокадата од страна на Бугарија. Но првата блокада дојде во 2018 година од страна на Франција, заради новата методологија. Големата слика не зависи од Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија. Војната во Украина придонесе проширувањето повторно да дојде на масата и на оние земји кои претходно беа скептици, и испаѓа дека ЕУ реактивно ја следи агендата на проширување.
Милошоски ја спомена изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија е подготвена да се придружи кон ЕУ со откажување од правото на вето, да се придружи во ЕУ со немање комесар, и да прифати интеграц во членстви без полноправо одлучувачко право на Албанија.
-Ние можеме да мислиме што сакаме за албанскиот премиер, овие негови забелешки откако се многу добро примени сигналите, дека во ЕУ во моментов не постои консензус за полноправно членство и затоа секој бара поинаков начин да се приклучи, оцени Милошоски.
Висок претставник на земја-членка на ЕУ, додаде тој, бил прилично јасен во неговото излагање дека во моментот во ЕУ не постои консензуз за нови полноравни членки, и дека е време да се почне да се размислува за некое меѓу-решение коешто би значело повеќе интеграција, но без полноравно членство, до моментот додека да се создадат услови за полноправно членство.
-И затоа она што ние го бараме од ЕУ, и тука не ја спорам волјата на Европската комисија, таа секогаш била искрен партнер, но тоа што го бараме од ЕУ и од некои земји-членки е само поголема искреност, заклучи Милошоски.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче рече дека иако од 2015 наваму државата вложувала силни напори да се врати на правиот пат, сегашната влада нема никаков интерес за евроинтегративниот процес и повторно не води кон назадување.
-И сега трендовите не се поразлични, владата се обидува да ги покрие, да врши влијание на сите независни институции кои што се надвор од извршната власт. Најмногу, најсилно, најексплицитно, на судската власт, јавен и јасен притисок што за прв пат предизвика од 1991 година јасна реакција од судската фела. Преседан, би рекол, општествен не само во државата, истакна Филипче на седницата.
Филипче исто така посочи дека наведеното во извештајот не се само за политички формулации во документот, туку реалност која граѓаните ја чувствуваат секој ден.
-За жал во многу области во кои што порано бележавме успеси, сега има, и тоа се дефинира или како ограничен напредок, или нема напредок, или дури на назадување. Ама тоа не е нешто што само стои на хартија, тоа е нешто што граѓаните, посебно бизнис секторот го чувствуваат, секој ден се повеќе и повеќе, рече Филипче.
Тој исто така предупреди дека ЕУ, која минатата година имала само еден услов за отворање преговорите, а тоа беше решавањето на спорот со соседите по ваков извештај може да воведе и нови услови.
Според него, и ако за 2026 година добиеме ист ваков извештај се постаува прашањето дали ЕУ нема да не врати на ниво на скрининг. нд/са/
Фото: МИА