• понеделник, 23 декември 2024

Дебата за изборот на уставни судии: Мнозинството апелира да не се дозволи нефункционалност на Судот, опозицијата обвинува за кршење на Деловникот

Дебата за изборот на уставни судии: Мнозинството апелира да не се дозволи нефункционалност на Судот, опозицијата обвинува за кршење на Деловникот
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Пратеникот од владејачкото мнозинство Панчо Минов во вечерашната собраниска дебата на 88. седница истакна дека народните избраници мора да изберат уставни судии и не смеат да дозволат Уставниот суд да не биде функционален. - За јавноста морам да го кажам сознанието за надлежноста на Собранието. Неуставно е ако ние како Собрание не избереме уставни судии ако се утврдени во собраниското тело. Ние имаме голема одговорност и обврска бидејќи само нас Уставот не одредил да избираме уставни судии, рече Минов. Според него, не смее да се дозволи да дојде до нефункционалност на Уставниот суд, како и дека мора да се има конструктивност во однос на функционирањето на Собранието и да не се дозволи нефункционалност на Уставниот суд. Минов ова го кажа во реплика во дебатата за избор на Скендер Фатмир за уставен судија и како одговор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои обвинија за преседан и побараа одговорност од претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска, која како што рекоа, на незавршена дебата во ова собраниско тело потпишала Извештај и го доставила до Собранието со кој Фатмир и Татјана Васиќ Бозаџијева се предлагаат за уставни судии, и од претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Георгиевска и Џафери многу скоро „ќе се соочат со кривична одговорност“. Пратеничката Ане Лашкова рече дека ова не е одлука на Комисијата и оти не може на незавршена дебата во Комисијата да се доставува Извештај до Собранието. Таа им посочи на колегите од владејачкото мнозинство дека ќе гласаат уставни судии спротивно на Деловникот. Според неа, Георгиевска одлуката сама ја потпишала и се ставила за известител. - Дали овие кандидати се свесни на каков начин ќе бидат избрани, праша Лашкова. За предлогот Фатмир Скендер да биде уставен судија, пратениците речиси и да не дебатираа. Лашкова рече дека тој како Турчин по клуч влегува во Уставниот суд, но дека е штета што ќе биде избран на ваков начин и што црната дамка ќе ја носи цел живот. За Скендер и за Васиќ Бозаџиева, кои доаѓаат како предлози на владејачкото мнозинство, опозициските пратеници оценија дека ќе бидат пристрасни и партиски зависни во наредните девет години. Пратеникот Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците на Македонија, како реплика на опозициските пратеници рече дека Фатмир Скендер не е член на ниту една партија и оти ќе биде крајно коректен во својата работа. На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. На дневен ред на 88. собраниска седница беше и изборот Ристо Пенов за министер за локална самоуправа, но точката беше прескокната, бидејќи предлагачот односно премиерот Димитар Ковачевски е службено отсустен. Пратениците по неколкучасовна работа и барање од страна на опозицијата за тргање на изборот на уставните судии од дневен ред и неприфаќање од страна на владејачкото мнозинство, го изгласаа дневниот ред. ев/сп/ 

Остани поврзан