• понеделник, 23 декември 2024

Две семејства од Украина сместени во Охрид и Струга

Две семејства од Украина сместени во Охрид и Струга
Струга, 23 март 2022 (МИА) – Седумчлено семејство од Запорожје e сместено во Струга, а друго украинско семејство од Полтава прибежиште од руската инвазија најде во Охрид. Семејството Орлоскаја со своите пет деца, од кои најмалото еден месец, а најголемото 15 години, со нив ја земале и ќерката на нивен пријател, спас од војната во својата земја најде во Струга. Сместени се во хотел, каде престојуваат бесплатно, засега велат дека имаат финансии за живот, но бараат помош од вегетаријанска храна, облека и пелени за бебето. - Во Запорожје имаме куќа, која ја градевме пет години и бизнис, кој го развивавме осум години. Домот ни е блиску до аеродромот и касарната поради што постојано слушавме пукотници и експлозии. Трпевме долго, но повеќе не можевме да издржиме, вели Владимир Орловскаја. За сместувањето во Струга побарале помош на социјалните мрежи од каде волонтер им понудил бесплатно сместување во хотел, кој работи само во летната сезона, но за возврат се договориле дека ќе помогнат околу подготовките за отворањето. Сакаат да продолжат да работат и самостојно да ја обезбедуваат егзистенцијата за своето семејство. Владимир работел како благајник, додека неговата сопруга Марија, била доктор невропатолог и нутриционист, а водела грижа и за бремени жени. - Ѕидовите од куќата силно се тресеа поради гранатирањето, а кога низ градот почнаа да се шетаат вооружени групи, кои ги блокираа патиштата заминавме. Заминавме со една торба, оставивме се зад себе. Оставивме клуч од нашата куќа кај соседите, за да може да им послужи на други бегалци да преспијат и да се засолнат, вели Марија. Како прибежиште ја избрале нашата држава бидејќи им се допаднала во минатогодишната туристичка посета на регионот, Албанија, Бугарија, Романија, Црна Гора... - Сакавме да живееме во православна земја, во убава земја со убава природа, додаде Орловскаја. Децата, додаде, настава следеле он-лајн, по украински модел, но би сакале да ги пуштат на некој спорт, танцување, пеење и слично. Слична приказна дели и семејството Косиченко од Полтава, кое раскажува дека на почетокот на војната поради бомбардирањето на Харков, кое било 100-тина километри од нивниот дом, спиеле во ходникот плашејќи се поради експлозиите, кои можеле да предизвикаат кршење на стаклата од прозорците. Најпрво пребегале во Полска, но поради висината на кириите на становите одлучиле да ја напуштат и сега се сместени во Охрид. - Во станот покрај нас имаше уште десет лица, кои пребегаа од Харков. Маж ми кој е психијатар многу се вознемири, плашеќи се за животите на нашите деца и заминавме во Полска. Но, таму изнајмувањето стан чини 1.000 долари, поради што дојдовме овде и сега плаќаме станарина од 250 евра месечно. Сакаме што поскоро да се вратиме дома, изјави Олга Косиченко. И на ова семејство потребна му е помош од храна и облека, но и финансиска помош. Двете украински семејства се надеваат на што побрзо завршување на војната и да се вратат во својата татковина. сс/мд/

Остани поврзан