• сабота, 23 ноември 2024

Две нови ленти за камиони на Табановце, од 1 октомври пуштање на стоката во промет за само еден час

Две нови ленти за камиони на Табановце, од 1 октомври пуштање на стоката во промет за само еден час
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - По алармот дека на граничниот премин „Табановце“ една од лентите за „Отворен Балкан“ не функционира, во употреба се пуштени други две кои товарните возила ќе можат непречено да ги користат, соопштија денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорката на Царинската управа Славица Кутиров. Како што рекоа Спасовски и Кутиров по посетата на „Табановце“, гужвите во овој период се многу големи поради годишните одмори, но мора да се направат максимални напори за обезбедување непречен проток на стоките, посебно на оние со краток рок на траење, како и да се овозможи брз премин на патниците. Во насока на забрзување и олеснување на протокот на стоки, како што најави Кутиров, од 1 октомври во примена ќе биде измената на увозната царинска постапка која ќе овозможи за еден час, ако е правилно поднесена потребната декларација и доколку е подмирен царинскиот долг, стоката по автоматизам да биде пуштена во слободен промет. Во првите седум месеци од годинава фреквенцијата на возила и патници на граничните премини за влез и излез од државата е зголемена за 45 проценти, а конкретно на „Табановце“ за 30 отсто. - Сите капацитети на граничните премини работат во полн состав. На „Табановце“ рабтевме на отворање две нови ленти и тоа веќе се реализира за да имаме побрз проток. Во однос на Отворен Балкан, не значи дека рампите се кренати и дека може да се влегува и излегува без да се застанува. Кога има граничен премин, постојат процедури кои мора да бидат запазени од безбедносен и од секаков друг аспект. Значи, иницијативата не значи кревање на рампите, туку дека државите од Отворен Балкан ќе имаат далеку подобри привилегии при поминувањето. Се уште се прават анализи каде ќе може да се скрати времето на минување, изјави Спасовски. Според директорката на Царинската управа, вчерашниот прекин на минување од еден час поради дефект на вагата за товарните возила, бил отстранет за 60 - 90 минути, но и тоа е доволно за предизвикување застој. -Сепак, тоа се нормални работи за ваков премин каде се применуваат современи технологии, а има и голема гужва зашто сезоната е во ек. Важно е дека институциите работат максимално за обезбедување на сите потребни услови за побрз проток на патници и товарни возила во најголемиот шпиц. Една од забелешките беше дека една од лентите за Отворен Балкан не функционира. Тоа не смее да биде проблем. Ние веднаш реагиравме со МВР и колегите од Србија и овозможивме уште две нови ленти кои досега беа на излез, да се применуваат за влез. Двете ленти за камиони ќе бидат непречено во функција, рече Кутиров. В.д. извршната директорка на Стопанската комора Билјана Пеева Ѓуриќ потсети дека следењето на протокот на стоки на „Табановце“ што почна на 1 јули, продолжува и во август. -Воочивме дека проблемите се главно од инфраструктурен карактер на кои би можело да се работи за поголема ефикансост и помала гужва. Договорено е да се воспостават тимови со по еден претставник од секоја служба на надворешно-трговското работење за оперативно секој ден да се работи на отстранување на сите детектирани пропусти. Во односна дигитализацијата, и тука има простор да се направат дополнителни унапрдувања за системот да биде поефикасен, потенцира Пеева Ѓуриќ. Моментно на „Табановце“ функционираат 10 ленти - две за камиони, една за автобуси која повремено се користи и за патники возила и уште седум ленти за патнички возила. Дигитализацијата и електонската сигнализација ќе бидат приоритети за уште поголема ефикасност на овој граничен премин. мч/ам/  

Остани поврзан