• понеделник, 23 декември 2024

Двајца швеѓани осудени во Иран по обвиненија за трговија со дрога

Двајца швеѓани осудени во Иран по обвиненија за трговија со дрога
Техеран, 30 август 2022 (МИА) - Иранските власти им изрекоа затворски казни на двајца шведски државјани обвиненети за шверц на дрога, судска одлука што дополнително создава тензии во односите меѓу Иран и Шведска. Иранскиот суд го осуди шведскиот државјанин Симон Каспер Браун на пет години затвор и парична казна од околу 34 илјади долари за наводен шверц на 9,7 килограми Трамадол. Безбедносните сили го уапсиле Браун на иранскиот меѓународен аеродром „Имам Хомеини“, кога кај него биле откриени забранетите таблети. Осуден е и шведскиот државјанин Кевин Гилберт на осум години затвор и парична казна од 500 долари, кој беше уапсен на аеродромот во Техеран во јануари 2020 година со 9,8 килограми наркотични средства врз база на опиум. Пресудите на Браун и Гилберт се последните од серијата изречени казни против државјани на Шведска во Иран, донесени во мигови на влошени односи меѓу двете држави. Претходно оваа година иранските власти затворија двајца шведски државјани обвинети за шпионажа. Уште еден шведски државјанин, 50-годишен лекар обвинет од Иран за шпионажа, се соочува со смртна казна. Во исто време Шведска осуди поранешен ирански функционер обвинет за извршување на злосторството, што предизвика незадоволство во Техеран. Судот во Стокхолм го осуди Хамид Нури на доживотен затвор за наводни воени злосторства, одлука на која Техеран одговори со отповикување на својот амбасадор од Шведска. Најмалку шест лица со двојно државјанство се наоѓаат во затвор во Иран, приведени врз основа на оспорувани обвиненија за шпионажа. Инаку, иранските закони предвидуваат драконски казни за криминални дела поврзани со дрога. Дури 73 проценти од извршените смртни пресуди во Иран отпаѓаат на дела поврзани со поседување или трговија на дрога. аб/

Остани поврзан