Двајца струмичани под истрага, пренесувале марихуана на патот Ресен-Битола
- Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица од Струмица, кои пренесувале марихуана на патот Ресен-Битола.
Скопје, 10 февруари 2022 (МИА) - Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица од Струмица, кои пренесувале марихуана на патот Ресен-Битола.
Тие се осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители, како што информира ЈОРСМ, на 8 февруари, од засега непознати лица, неовластено набавиле наркотична дрога марихуана наменета за продажба.
- Дрогата, спакувана во 47 најлонски пакувања со вкупна нето маса од 44.516 грама и сместена во три патнички торби, ја пренесувале со автомобил „Шкода октавија“ со скопски регистарски ознаки на патот Ресен – Битола. Марихуаната ја пронашле полициски службеници од ОВР Ресен кои извршиле преглед на возилото, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола поднел предлог за определување мерка притвор спрема осомничените, бидејќи постои опасност да се дадат во бегство за да го избегнат кривичниот прогон, да влијаат врз можните сведоци и соучесници или да го повторат делото, а судија на претходна постапка го прифати преедлогот на обвинителот и донесе решение со кое определи притвор во траење од 30 дена за двајцата осомничени. аа/лв/