Двајца каратисти на Макпетрол ќе учествуваат на Светските игри во боречки спортови
- Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ од клубот Макпетрол од 18 до 22 октомври ќе учествуваат на Светските игри во боречки спортови во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) – Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ од клубот Макпетрол од 18 до 22 октомври ќе учествуваат на Светските игри во боречки спортови во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Ова натпреварување, освен карате, вклучува и 15 други спортови. Пријавени се над 1.700 индивидуалци од 80 земји, контролата ќе ја вршат повеќе од 400 судии и технички лица, а мечевите ќе се одржуваат во пет различни објекти.
Пресуден услов за учество на игрите е спортистите да се наоѓаат меѓу осумте најдобри на Светската карате ранг-листа. Во секој спорт, како и во секоја тежинска категорија, ќе учествуваат единствено првите осум спортисти, односно само тие што се најдобро пласирани на своите светски ранг-листи.
Претставниците на „Макпетрол“ ќе се натпреваруваат во засебни тежински категории. Витомир Трајковски ќе настапи во полутешка (-84 кг.), додека Стефан Стојановиќ ќе учествува во тешка категорија (+84 кг).
На официјалната ранг-листа на WKF (Светска карате федерација), Трајковски е прворангиран, додека Стојановиќ е на третата позиција. зс/