Да се фокусираме на подобра организација на системот за издавање пасоши, а на помалку политиканство, вели Османи
- Мерките на државите од ЕУ и регионот во однос на пасошите се со цел да се олесни овој транзициски период. МВР не треба да се води по тоа да најде алиби или некое решение кое што ќе ја одложи примената. Да се фокусираме на подобра организација на системот, а на помалку политиканство, со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Мерките на државите од ЕУ и регионот во однос на пасошите се со цел да се олесни овој транзициски период. МВР не треба да се води по тоа да најде алиби или некое решение кое што ќе ја одложи примената. Да се фокусираме на подобра организација на системот, а на помалку политиканство, со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во МНР тој посочи дека Црна Гора имаше донесено одлука да не ги признае старите пасоши, но по неговата средба со министерот за надворешни работи на таа земја на конференцијата во Анталија, договориле Подгорица да се обиде да го следи примерот на другите држави од ЕУ, како и на Швајцарија.
-Швајцарија има донесено јасна одлука во која што вели за нас документите се валидни. Така што, Црна Гора веќе не’ извести дека ќе ги признаат, односно ќе ги прифаќаат пасошите со старо име доколку се валидни. Меѓутоа, мислам дека се тоа мерки со цел да се олесни овој транзициски период. Мислам дека МВР не треба да се води по тоа да најде алиби или да најде некое решение кое што ќе ја одложи примената. Дајте да се фокусираме на подобра организација на системот, на помалку парадирање, на помалку политиканство, туку на подобра организација со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните. Ако можеме ние да помогнеме како МНР тука сме да помогнеме и тоа го правиме. Ги реорганизиравме нашите ДКП-а, испративме дополнителни дипломати, испративме дополнително базни станици, направивме организирање на работата во две смени, работа за викенд. Мислам дека ова треба да ни биде фокусот да го зголемиме бројот на издадени пасоши. А ние паралелно ќе работиме за да им се олесни на граѓаните, но не треба тоа да ни биде водилка, односно надеж дека еве можеби ќе се сменат правилата на игра сами по себе, а ние ќе можеме полабаво да ја тераме овде работата, вели Османи наведувајќи дека МНР е подготвено да помогне на МВР во овој процес, доколку за тоа има одлука на Владата.
Во однос на одредени реакции, дека ние сами како држава сме си ги укинале пасошите, односно дека секаде не пуштаат со стариот пасош, а не можеме да излеземе од нашата земја со нашите пасоши, министерот Османи посочува дека тие закони се донесени од МВР пред неколку години дека на 12 февруари 2024 патните документи со старото име стануваат невалидни, а се во функција на спроведување на Уставот.
-Тоа било веројатно во функција на имплементирање на Уставот, бидејќи во Уставот членот 118 вели меѓународните договори ратификувани во нашето Собрание кои се дел од внатрешниот правен поредок не може да се сменат со закон. Тоа значи и да ја немаше таа законска измена сепак Уставот е тој што е над законите. Така што, имаше веројатно причина зошто МВР има донесено такви решенија, но мислам дека сега е време да се организираме. Тоа е клучниот збор – да се организираме за да им излеземе во пресрет на граѓаните, а ние се нудиме да им помогнеме на МВР со сите наши капацитети, рече Османи на новинарско прашање. вг/нд/
Фото: МИА архива