• понеделник, 23 декември 2024

Да се допрат снеговите на Килиманџаро

Да се допрат снеговите на Килиманџаро

Прилеп, 3 април 2021 (МИА) - „Снеговите на Килиманџаро“ е Хемингвеј. Ама за стигнување на врвот под вечните снегови, своја приказна има 32-годишната прилепчанка, планинарка и социјален работник Маријана Ѓорѓиевска. Тоа е прва, засега единствена приказна на прилепчанка на Килиманџаро.

Пред месец и нешто повеќе, поточно на 26 февруари оваа година, во 7:20 часот, според локално, танзаниско време, Маријана беше на највисоката точка во Африка. На 5 895 метри. На врвот Ухуру на Килиманџаро. На планината од три вулкани, на врвот со вечни снегови во Африка.

А сѐ потекнува од долгогодишната желба за планинарење, а пред три и пол години, и за високогорство. Предизвикот е неодолив - да се биде на врвовите, да се гледа светот од високо. Колку и да биде напорно, задоволството е безвременско, неодминливо. Чувството на слобода, широчина, на бескрајност, на ставање печат за паметења, на задоволување на личната потреба да докажеш и кажеш дека можеш - е неописливо, неповторливо.

Вака го почнува разговорот Маријана за неповторливото искуство. Вели, требаше лани да тргне српско-македонската експедиција на Килиманџаро, ама поради пандемијата, се одложи.

- Килиманџаро беше моја „љубов“. Тој е во „Седумте светски самити“. А секој планинар кој држи до себе си, кој сака да постигне нешто во искачувањето, мора да ја има таа агенда - искачување на седум врвови на седум континенти. Меѓу нив - Килиманџаро, на афричкиот континент.  Од тој Самит, претходно ги искачив Елбрус во Европа и Аконкагва во Аргентина, Јужна Америка. На ред беше Килиманџаро, планината со вечен печат во литературата. И е во тој Самит. Требаше лани да ја направиме експедицијата, ама пандемијата ги одложи плановите. Па, дојде времето за новиот подвиг во февруари годинава, вели Маријана.

Подготовките, кондициони и информативни, беа како и секои други. Зајакнати со мерки за заштита. Не им бил потребен негативен ПЦР тест, немало големи препреки.

-Ги почитувавме сите мерки на здравствените власти и при подготовките. Немав посебни препреки. Ја одржував кондицијата и во 2020 година, секако, на домашните планини. Возам велосипед, ја одржувам кондицијата континуирано и за другите потфати. Бевме петчлена екипа: по двајца од Македонија и од Србија, и српскиот водич. Имаше и екипа на тамошни водичи. За влезот во Танзанија немавме потреба од вадење ПЦР тест, немавме препреки во летањето и слетувањето таму. При враќањето имавме одредени компликации кои ги разрешивме во комуникацијата со амбасадите, раскажува Маријана.

Килиманџаро е во светската литература, но и на светската мапа за искачување. Обично за ова искачување се вели дека е лесно, но кога ќе ме прашаат, објаснува Маријана, јас велам - не е лесно. Зошто?

-Планината, велат, е лесна, нема моменти кога ти се неопходни посебни техники за искачување. Но, тежината на самото искачување е што имаме брз влез и излез во националниот парк. По два и пол дена во националниот парк, тргнавме кон последното искачување на највисоката точка на вулканот Кибл. Самото тоа што немавме аклиматизација,  што имавме искачување во алпски стил, ја донесе својата тежина. Инаку, Килиманџаро, тоа се познати светски податоци, е планина со најголема висинска разлика, од самото искачување до врвот. Тоа е планина која не е во планински венец, туку е самостојна. Вчудовидувачки е дека во подножјето и во првите етапи од искачувањето е во тропска околина, раздвижено со фауна, попат, растителниот свет е воодушевувачки. Но, во височините - нѐ пресретнаа снеговите. Велат - вечни се, раскажува Маријана.

За секој врв имаш различно чувство. Поради патеката која ја поминуваш и поради сите мисли кои ти се јавуваат тогаш.

-Секоја патека е различна, и нашиот однос е различен. Секое искачување е посебна приказна, различно доживување. И, неспоредливо едно со друго, дополнува планинарката Маријана.

Таа била зачудена и фрапирана за тамошните навики за заштита од корона вирусот. Едно е кај нас, друго кај нив.

-Интересно е она што го видов таму. Поинакви се хигиенскиет навики таму. Многу се разликуваат од она што ние го имаме. Не се толку строги, нема дистанца, не се носат маски. Хигиената е на ниско ниво. Тие, единствено, за заштита од корона-вирусот, се дезинфицираат. Маските, дистанцата, не се дел од заштитата. Но, тоа е што е. Тамошните власти, пак, велат дека има низок степен на зараза. Кој ќе знае. Ама, мое беше, сепак, да се заштитам и да - искачувам. На патот кон мојот сон, вели Маријана.

Потврдува дека е првата прилепчанка што се искачила на Килиманџаро, но е и во врвот на Македонките. Објаснува дека три од седумте „самити“ ги поминала. Желбата е да се најде на другите континенти.

- Ги искачив Елбрус во Европа, Аконкагва во Јужна Америка, Килиманџаро во Африка. Речиси сум на половината, ама има уште четири континенти - Северна Америка, Австралија и Окејанија, Азија, Антарктик. Ама прво, здравје, вели со насмевка Маријана.

Прилепската социјална работничка, вработена во Центарот за социјални работи во Прилеп, во викендите нема да ја најдете дома. Спортува, вози велосипед, планинари. Тешко ѝ паѓа пандемијата која, посебно, лани ѝ го ограничи движењето надвор од земјава. Сега, кога го искачи врвот на Килиманџаро, се чувствува, вели, како ослободена, полна енергија и потреба да продолжи со освојувањето врвови.

-Јас сум првото лице, првата жена од Прилеп што се искачи на Килиманџаро. Не сум сигурна, но мислам дека сум втора жена од Македонија која има искачено три од седумте светски врвови во серијата „Седум светски самити“. Илина ги има искачено сите седум, и други Македонци. Понатаму-прво здравје, па сѐ што доаѓа. Секој планинар сака што повеќе да искачи, да освои врвови. Но, прво, сега, да се стабилизираме, да знаеме каде сме, што сме. Сакам да ги искачам другите врвови од светските самити. Остануваат уште четири континенти. За вакви потфати, се надевам дека во иднина институциите ќе излезат во пресрет. Досега немало поддршка, ниту финансиска, од Федерацијата на планинарските спортови, ниту од Агенцијата за млади и спорт. Се снаоѓам со спонзор. Ама, се надевам - ќе биде, со насмевка и ентузијазам вели прилепската планинарка Маријана Ѓорѓиеска која „походот“ кон високите врвови го почна во август 2017 кога се искачи на Монблан. Кој знае каде ќе стигне.

- Израснав со советите дека чистиот воздух, престојувањето во природа, а подоцна планинарењето, искачувањето, се здрави. Особено во оваа пандемиска ситуација. Фала богу, дома се чуваме, здрави, живи сме. Да биде така за сите. Може да нѝ се придружат во природата, на здравиот и чист воздух, во освојувањата. Што и да е. Не мора на големи височини, битно е да се стигне до желбата, до замислите за остварувањата за да станат реалност. Тоа е рамнотежата на здрав, исполнет живот. Да се постигне, ако не сѐ, барем голем дел од зацртаното во животот. А јас имам подолг список за остварување. И не се откажувам од него. Сакам да прецртам многу од замисленото. Здравје и упорност, вели прилепската планинарка Маријана Ѓорѓиевска, секогаш полна оптимизам која без задршка, макар и од пандемијата, ита да го оствари сонот - да биде забележан дел од постоењето. И исполнувањето на смислата на животот. Ако треба и со - освојување височини.

Елизабета Митреска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан