• среда, 27 ноември 2024

Дачиќ: Теориите на заговор се најголема причина за отпор кон вакцинацијата

Дачиќ: Теориите на заговор се најголема причина за отпор кон вакцинацијата
Белград, 10 мај 2021 (МИА) - Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, денеска предупреди дека најголемата причина за отпор кон вакцинацијата кај милиони луѓе во Европа е потпирањето на теориите на заговор и шарлатанските содржини, кои се раширени во онлајн сферата и на социјалните мрежи, јави дописникот на МИА од Белград. -Сите заедно се наоѓаме во многу чувствителна зона, каде треба да најдеме решенија кои јавниот простор ќе го направат место без насилство и лажни вести, без истовремено да ги кршиме принципите на слобода на изразувањето и отвореноста на јавниот простор за секој индивидуално, изјави Дачиќ на видео Конференцијата на претседателите на парламентите на ЕУ, организирана од Германија, соопштија од неговиот кабинет. Тој оцени дека затоа е одговорност на државите да бараат решенија што ќе бидат вообичаени и општо прифатени, без разлика дали станува збор за одреден степен на регулација или усвојување  стандарди за толеранција на дијалог, кои заедно ќе ги применуваме и широко. -Во таа смисла, Србија сè уште сака да работи заедно со сите вас индивидуално, како и со ЕУ како целина, затоа што добри решенија за иднината гледаме само во заедничка работа на ова поле, а таа е заедничка и не познава граници, рече Дачиќ. Тој изјави дека, во исто време, темните страни на процесот на дигитализација се видливи на секој чекор, а пред се во сферата на јавната комуникација. - Ние, како и сите други општества, не сме имуни на говорот на омраза, ширењето лажни вести, теории на заговор, сите оние производи што со себе го донесоа пренасочувањето на фокусот на јавниот дијалог во дигиталната сфера. Овој тренд мора да ја загрижи секоја одговорна јавност и нејзините политички претставници, бидејќи нејзините негативни страни веќе сега ги кршат некои од демократските, па дури и цивилизациски темели на нашите општества, заклучи Дачиќ. Покрај земјите-членки на ЕУ, на конференцијата учествуваа и претседателите на парламентите на Србија, Црна Гора и Северна Македонија. об/  

Остани поврзан