Дачиќ: Претставувањето на дел од опозицијата како проевропска е „целосна лага“
- -Кога ќе видите како се однесувале, и како се однесуваат, гледате дека тоа е клише, рече шефот на српската дипломатија и прв човек на социјалистите.
Белград, 8 ноември 2023 (МИА) - Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ изјави денеска дека претставувањето на опозицијата како „проевропска“, според него, е „целосна лага“.
Дачиќ, кој е и министер за надворешни работи, за телевизијата Хепи изјави дека „користењето флоскули дека нема демократија, дека нема медиумски слободи или човекови права“ е клише што го користеше и Демократската опозиција на Србија (ДОС), која ја собори владата на СПС во 2000 година, што ја предводеше Слободан Милошевиќ.
-Кога ќе видите како се однесувале, и како се однесуваат, гледате дека тоа е клише, рече шефот на српската дипломатија и прв човек на социјалистите.
Тој изјави дека „народот можел да види“ по 2000 година како се однесувале членовите на тогашниот ДОС.
Дачиќ оцени дека не е точно оти членовите на тогашната демократска опозиција биле за евроинтеграции, бидејќи за време на нивното владеење биле блокирани преговорите за членство во ЕУ.
-Ако некој направи нешто за европска интеграција, тоа бевме Вучиќ и јас. Од 2012 година, по потпишувањето на Бриселскиот договор, преговорите за членство на Србија во ЕУ се отворени. Ова е една иронија на оние кои самите се прогласија дека се проевропска опозиција, рече Дачиќ. сд/