• вторник, 24 декември 2024

Дан и Лиа Пержовски донираа дела на Музејот на современа уметност во Скопје

Дан и Лиа Пержовски донираа дела на Музејот на современа уметност во Скопје

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Уметникот Дан Пержовски донираше две дела за колекцијата на Музејот на современа уметност во Скопје. Првото дело „Скопски столб“, site-specific цртеж на столб, создаден во согласност со просторот на музејот, а второто е компилација од 15 броеви на Newspaper/Artzine, серија на уметнички публикации (објавени помеѓу 2009-2022).

Уметницата Лиа Пержовски ја донираше инсталацијата „Сет за преживување (за преживување во денешниот свет)“, 2024. Оваа инсталација се фокусира на стратегиите за преживување во денешниот свет, истражувајќи различни аспекти на социјалните, политичките и културните предизвици.

Како што соопшти Музејот на современа уметност во Скопје, донираните дела од Дан и Лиа Пержовски ќе го збогатат музејскиот фонд и ќе понудат уникатен поглед на современата уметност.

Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен... а во моментов во МСУ може да се погледне нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена до средината на ноември.

Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот, во МСУ се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива.

- Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите, стои во соопштението.

Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката има ѕид, каде посетителите можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.

- Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ - (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)), во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот, се вели во соопштението.

Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување. мд/дма/

Фото: Томислав Георгиев и приватна архива на МСУ

Остани поврзан