• понеделник, 23 декември 2024

Дали Турција е подготвена за нова воена операција во Сирија?

Дали Турција е подготвена за нова воена операција во Сирија?
22 ноември 2022 Ал Џазира „Можеби ќе дојдеме изненадно една ноќ“. Тоа е реченица што турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган веќе со години ја изговара, особено откако почна три воени кампањи во северниот дел на Сирија, по неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година. Во јуни, Ердоган изјави дека се планира нова турска воена операција и оти ќе ги цели регионите близу границите на Сирија и Турција, како што се Кобане (Ајн ал-Араб), Тал Рифат и Манбиџ, контролирани од курдските Сириски демократски сили (СДФ), а што Турција ги смета за огранок на Курдската работничка партија (ПКК). Но, иако тогаш се чинеше дека операцијата е неизбежна, не беше почната, а Русија, Иран и Западот ја притискаа Анкара да се откаже од неа. Неодамнешниот бомбашки напад во Истанбул предизвика шпекулации за тоа дали Ердоган ќе ги претвори предупредувањата во акција. Турски претставници тврдат дека резултатите од прелиминарната истрага за нападот на авенијата Истиклал, најпрометната и најпопуларна истанбулска туристичка зона, во кој убиени се шест цивили, упатуваат на ПКК и Единиците за народна заштита (ИПГ), чии сили претежно ги сочинуваат СДФ. Нападот како оправдување за акција ПКК во Турција е означена како „терористичка група“, како и во САД и во Европската Унија, но, СДФ, меѓу другото, ја ужива поддршката од САД, поради заеднички борби против силите на Исламската држава (ИД). Наводното признание на осомничениот бомбаш ги зајакна аргументите на оние, кои заговараат воена операција. Сиријката од Деир ез-Зор, наводно изјавила дека два месеца пред нападот, ја обучувале ИПГ во сирискиот град Манбиџ, уште една од метите на турските воени операции. ПКК негираше дека учествувала во нападот, наведувајќи оти не би целела цивили и покрај тоа што историските факти го покажуваат спротивното. Симпатизери на ПКК веруваат дека Анкара ќе го искористи бомбашкиот напад за да ја оправда долго очекуваната воена операција во Кобане. Во услови на растечки националистички и антисириски чувства пред изборите во Турција во јуни 2023 година, турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека нападот во Истанбул ќе биде одмазден, зголемувајќи ја можноста за воено упаѓање во Сирија, додека разговараше со новинари по нападот. Според пензионираниот полковник на турската разузнавачка служба Коскун Басбуг, нападот моментално не навестува враќање во перидот од 2015 до 2017 година, кога Турција трпеше зачестени напади од ИСИЛ и групи поврзувани со ПКК. На прашањето дали е на повидок нова воена операција, Басбуг одговори дека смета оти можеби не е вистинско време за тоа. - Турција ги има потребните капацитети и ресурси да почне операција на северниот дел на Сирија, посочи тој за Ал Џазира. САД во балансирачка позиција Но, на терен се и други играчи, меѓу кои САД, Русија, Иран и сириската Влада. - Анкара секогаш се надеваше дека сите страни ќе постигнат договор (за воена операција на северниот дел на Сирија), но, никој вас тоа нема да ви го даде, особено не САД, додаде Басбуг. САД, сојузници на Турција од НАТО, се најдоа во тешка балансирачка ситуација, обидувајќи се да ја одвратат Анкара од напад врз СДФ, истовремено, сфаќајќи ги стравовите за безбедноста на Турција. Пензионираниот американски полковник Ричард Аутзен изјави дека на која било земја, вклучувајќи ги САД, би ѝ било многу тешко да се спротивстави на правото на Турција на самоодбрана, но, оти реакциите на САД и ЕУ се темелат на нивните сопствени национални интереси. Тој вели оти сфаќа зошто Турција не ги сака ИПГ и ПКК на нејзините граници. - Но, американската позиција е дека не би смеело да има никакви операции што би ги загрозиле американските противтерористички и стабилизациски напори во Сирија, појасни тој. Аутзен се осврна на соработката на САД и Анкара за време на турската операција од 2019 година, што ги целеше Тал Абјал и Рас ал-Ајн на северниот дел на Сирија. Според Аутзен, за време на таа операција Турција била многу внимателна, настојувајќи да избегне какво било предизвикување опасност за американските војници стационирани во северниот дел на Сирија. - На северниот дел на Сирија и понатаму има американска војска и претпоставувам дека Турција ќе мора да обрне исто толку внимание на тоа, тврди тој. САД не е единствената светска сила за која треба да се грижи Турција. Русија ја поддржува сириската Влада и се бореше против турски сојузници во сириската опозиција. Москва исто така има силни врски со СДФ. Успешни турски операции во Ирак Според Халил Ибрахим Албајрак, ескперт за турската разузнавачка служба и безбедност, Русија и САД се де факто турски соседи на нејзината јужна граница со Сирија. Тоа претставува проблем за Турција, која смета дека ниту Москва ниту Вашингтон не ги поддржале ветувањата оти загриженоста на Анкара за безбедноста ќе биде разгледана. - Турската дефиниција за закана, особено во Сирија и Ирак, секогаш беше јасна и објаснета многупати и на САД и на Русија, подвлече Албајрак за Ал Џазира. Како што тврди тој, „ниту една друга земја во меѓународниот систем не била толку ранлива на тероризам како Турција“. - Имаме уверливи причини за спроведување воена операција. Ниту една земја од ЕУ нема граница долга 800 километри каде се раѓа тероризам, истакна тој. Во очите на Турција, воени операции против ПКК и нејзините придружени групи веќе вродија со плод, не само во Сирија, туку и во Ирак. И според Басбуг и според Албајрак, присуството на ПКК во Ирак речиси исчезнало, што е резултат на турските операции на северниот дел на земјата. Но, Басбуг мисли дека Турција нема да почне операција во Сирија додека не ја заврши постоечката кампања во Ирак. Наместо тоа, тој нагласи дека очекува продолжение на ограничените напади на ИПГ во Сирија, додека не се почне операција од поголеми размери. Според Басбург, „речиси дојдовме до крајот на операцијата во Ирак“. - Кога ќе заврши, ќе имаме прекината врска меѓу ПКК во Ирак и ИПГ во Сирија. Операција од целосни размери, за што моментално сме способни, можеби нема ни да биде потребна, заклучи тој. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан