• понеделник, 23 декември 2024

Давидовски: Поради две ситни грешки испуштивме победа во Франција

Давидовски: Поради две ситни грешки испуштивме победа во Франција
Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) - Виктор Давидовски го освои четвртото место на трката што се возеше викендот на „Пол Рикар“ за Големата награда на Франција, а овој пласман е највисок во историјата за македонските возачи откако се организираат трките од првенството на ТЦР Европа. Согласно пропозициите, неделниот стартен распоред беше по обратен редослед од местата освоени во квалификациите, па возачот на „ПСС Рејсинг“ беше промовиран од 10 место на пол позицијата, а неговиот тимски колега Франко Џиролами беше на второто стартно место. - Направивме подготовки и имавме изградено стратегија како да одиме и да се бориме за победа. Целта беше еден од нас да има шанса за победа и во трката влеговме подготвени, но анализата покажа дека сепак сме направиле две ситни грешки. И јас и Џиролами добивме порака преку радио врската, која ја протолкувавме дека ни се сугерира брзо менување на степените на пренос по стартот, па и двајцата направивме иста грешка, со што го испуштивме водството,- објаснува Давидовски. За разлика од ова, втората грешка се покажала дури во последните кругови, кога Давидовски беше нападнат од Сами Тафик, кој во финишот возеше побрзи времиња за половина секунда по круг. - Kога го штелувавме возилото, сметавме на пониска температура на асфалтот во втората трка, но според интерните мерења, таа се покажа 3-4 степени Целзиусови над онаа што ја измеривме на саботната трка. Тоа придонесе пневматиците да почнат побрзо да откажуваат и при крајот на трката се забележа дека автомобилот има тенденција за подуправливост. Мислам дека доколку го задржевме водството на почетокот, со ладниот воздух пред мене кој би го имал како лидер, гумите ќе траеја подолго. Со расплетот кој го имавме, на крајот не можев да парирам уште еден круг и ривалот ме достигна. Знам дека можевме повеќе и тоа е она што боли, но научивме многу од овие ситни грешки и во иднина ќе бидеме подобро подготвени. За утеха, Давидовски е лидер во ова натпреварување во конкуренција на возачи на возраст над 40 години, за што го доби пехарот во категоријата „Дајмонд“. Следната трка од ТЦР Европа се вози на холандската патека Зандворт, на 19 и 20 јуни. зс/

Остани поврзан