• петок, 22 ноември 2024

Гутереш: Судан живее во „кошмар“ на глад, болести и етничко насилство

Гутереш: Судан живее во „кошмар“ на глад, болести и етничко насилство

Њујорк, 28 октомври 2024 (МИА) - Народот на Судан живее во „кошмар“ на глад, болести и етничко насилство, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш.

По 18 месеци војна меѓу суданската армија на генерал Абдел Фатах ал Бурхане и паравоените сили за поддршка на неговиот поранешен заменик, генералот Мохамед Хамдан Дагало, „страдањата се зголемуваат од ден на ден, при што на 25 милиони луѓе сега им е потребна помош“, рече Гутереш пред Советот за безбедност на ОН.

„Илјадници убиени цивили, широко распространети силувања и други неописливи злосторства - суданскиот народ живее кошмар на насилство“, додаде Гутереш.

 Генералниот секретар на ОН е ужаснат од нападите на Силите за брза поддршка врз цивилите во Дарфур, како и од суданските сили во Картум, кој е цел на воздушни напади.

„Населението исто така живее во кошмарот на глад, со повеќе од 750.000 луѓе во ситуација на катастрофална несигурност, како и во кошмарот на болести - од колера, маларија, денга и сипаници - кои брзо се шират“, рече Гутереш.

Во Судан има повеќе од 11 милиони раселени лица, вклучувајќи три милиони бегалци во соседните земји.

Гутереш подвлече дека во Судан повторно се зголемува масовното етничко насилство, особено со драматичната ескалација на борбите во Дарфур. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан