• недела, 22 декември 2024

Гутереш: Женските права не се луксуз што може да чека

Гутереш: Женските права не се луксуз што може да чека

Њујорк, 6 март 2023 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска изјави дека правата на жените не се луксуз што може да чека додека не се решат кризите во светот и изјави дека на секои десет минути жена или девојка се убиваат од член на семејството или партнер, и дека на секои две минути жена умира за време на бременост или породување.

Гутереш, во авторски текст по повод 8 март, Меѓународниот ден на жената, оцени дека остварениот напредокот во поглед на правата на жените полека исчезнува пред наши очи, а најновите прогнози проценуваат дека, доколку се продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни уште 300 години за постигне целосна родова еднаквост.

„Мораме да ги смениме овие ужасни трендови и да се залагаме за животите и правата на жените и девојките, насекаде. Ова е еден од моите врвни приоритети и столб на работата на Обединетите нации ширум светот. Од Јужен Судан до Мјанмар, ги поддржуваме жените и девојчињата во криза со тоа што ќе се погрижиме нивниот глас да биде слушнат во мировните процеси“, напиша Гутереш.

Тој оцени и дека денешните кризи, кои следат една по друга, од војната во Украина до климатската вонредна состојба, прво и најтешко ги погодуваат жените и девојчињата.

„Во светлината на глобалните предизвици за демократијата, правата на жените над нивните тела и правото да донесуваат независни одлуки за сопствениот живот се доведуваат во прашање и негираат“, напиша Гутереш.

Оваа година, додаде тој, Меѓународниот ден на жената е фокусиран на затворање на родовиот јаз во науката, технологијата и иновациите.

На глобално ниво, пристапот и користењето на Интернет е за 21 отсто поверојатно кај мажите отколку кај жените, а во земјите со ниски приходи разликата е над 50 отсто, се наведува во текстот.

Тој нагласи дека дури и најбогатите земји се во загуба поради родовите стереотипи и историската пристрасност. На пример, во технолошката индустрија, мажите двојно ги надминуваат жените, а во областа на вештачката интелигенција, соодносот е пет спрема еден.

Дискриминацијата на жените во науката и технологијата е последица на вековната патријархалност, дискриминација и штетни стереотипи, оцени Гутереш и додаде дека жените сочинуваат само три отсто од добитниците на Нобеловата награда во научните категории од 1901 година до денес, а жените на Интернет - вклучувајќи ги и научниците и новинарите - често пати се цел на сексистички говор на омраза и злоупотреба со цел да ги замолчат и посрамотат.

„Потребна ни е акција на повеќе фронтови за да се осигураме дека жените и девојките можат да го дадат својот целосен придонес во глобалното знаење преку науката и технологијата.

Мора да ги срушиме бариерите - од дискриминаторски податоци до стереотипи кои ги одвраќаат девојчињата да студираат природни науки на рана возраст“, ​​рече Гутереш.

„Правата на жените не се луксуз што може да чека додека не ја решиме климатската криза, да ставиме крај на сиромаштијата и да создадеме подобар свет“, рече Гутереш.

Инвестирањето во жени и девојки е најсигурниот начин да се подигнат сите луѓе, заедници и земји и да се постигнат целите од Агендата за одржлив развој 2030 година. сд/

Остани поврзан