• недела, 14 јули 2024

Гувернерката на Народната банка на средба со ММФ, независната централна банка клучна за ценовната и финансиската стабилност

Гувернерката на Народната банка на средба со ММФ, независната централна банка клучна за ценовната и финансиската стабилност

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Централната банка, како професионална и независна институција дејствуваше соодветно за справување со последната инфлациска епизода, што придонесе за одржување на целокупната стабилност, било оценето на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кенџи Окамура.

На средбата било нагласено дека одржувањето на независноста на Народната банка е од огромна важност. Од страна на ММФ, како што се наведува во соопштението од Народната банка, позитивно е оценета посветеноста на Народната банка во исполнувањето на целите, особено напорите за надминување на ефектите од последователните кризи во изминатиот период. Покрај ова, било истакнато дека во околности на зголемена економска неизвесност, централните банки треба почесто да бидат присутни во јавноста со објави во кои ќе ги појаснат економските движења и ќе ги образложат причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки.

Гувернерката истакнала дека Народната банка го следи овој тренд и постојано ја унапредува транспарентноста, којашто придонесува за значително зголемување на довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што е заклучено и во Извештајот на ММФ за оцена на транспарентноста на Народната банка.

- Со мерките на Народната банка инфлацијата е сведена на едноцифрена стапка, девизните резерви се зголемени на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната, посочуваат од Народната банка.

Оттаму информираат дека на Годишниот состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, на која ѝ припаѓа нашата земја, што се одржува во Кишињев било заклучено дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, но неопходно е внимателно следење на инфлациските движења. бак/дма/

Фото: Народна банка

 

 

Остани поврзан