• петок, 22 ноември 2024

Грчкиот Парламент со 156 гласа „против“ го отфрли предлогот на СИРИЗА за недоверба на Владата

Грчкиот Парламент со 156 гласа „против“ го отфрли предлогот на СИРИЗА за недоверба на Владата
Атина, 30 јануари 2022 (МИА) – Предлогот на опозициската СИРИЗА за недоверба на Владата доби 142 гласа „за“ од пратениците, 156 „против“ и еден воздржан, со што Парламентот го отфрли предлогот, а Владата на Мицотакис го „преживеа“ гласањето, јави дописничката на МИА од Атина. Резултатот беше очекуван, со оглед на тоа дека актуелната Влада има парламентарно мнозинство од 157 пратеници од вкупно 300 колку што брои Парламентот, а од гласањето отсуствуваше пратеничката од Нова демократија Мариета Јанаку, која поради здравствени проблеми итно беше пренесена в болница. За недоверба на Владата гласаа сите опозициски партии, со исклучок на еден пратеник кој беше воздржан, но сепак не беа постигнати потребните 150 плус еден глас за недовербата да биде изгласана. Тридневната расправата започна во петокот попладне, продолжи вчера и денеска, а во првите два дена траеше до 3.30, односно до 3.45 часот наутро. Збор зедоа вкупно 190 говорници, од кои 150 пратеници, шест претставници на пратеничките групи, 28 министри и заменици, како и  лидерите на шесте партии во Парламентот. Непосредно пред гласањето се обратија и лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кои повторно си упатија критики и обвинувања, што се однесуваа на низа теми, а не само на проблемите кои ги создаде снежната бура, што воедно беше и причината за предлогот за гласање недоверба. Ципрас му порача на Мицотакис дека „политички е завршен“, му рече дека должи низа извинувања до граѓаните, до семејствата на 23.275 починати од Ковид-19, до оние на кои им тврдеше дека СИРИЗА „ја продаде Македонија за пензиите“ и паралелно побара да си поднесе оставка и да распише избори. Тој истакна дека Мицотакис бил неуспешен на сите полиња и во сите критични работи со кои требаше да управува: пандемијата, пожарите, поскапувањата на цените и на крај снегот. Мицотакис, пак, предлогот на СИРИЗА за недоверба на Владата го коментираше како „потег на очај“, рече дека Ципрас бара избори, но не спомнува никакви конкретни предлози, а во секоја реченица кажувал по две лаги. Премиерот детално говореше за владината политика во сите области, за предизвиците со кои се соочуваат, но и за проблемите: пандемијата, енергетската криза, екстремните временски појави, земјотресите, пожарите, горештините, како и случувањата на Еврос и во Источниот Медитеран, користејќи ги зборовите на Ленин дека „постојат години кога ништо не се случува и денови во кои се случуваат години“, за да ја опише ситуацијата. ср/гт/ Фото: АНА-МПА

Остани поврзан