Грчката Влада ќе преземе построги мерки за справување со насилството од навивачките групи
- Уште поголемо заострување на институционалната рамка во однос на функционирањето на фан клубовите и нивните ограноци, промени во Кривичниот законик и интензивирање на контролите од грчката по
Атина, 7 февруари 2022 (МИА) – Уште поголемо заострување на институционалната рамка во однос на функционирањето на фан клубовите и нивните ограноци, промени во Кривичниот законик и интензивирање на контролите од грчката полиција, се дел од дополнителните мерки што ќе ги преземе грчката Влада за справување со насилството од навивачките групи и хулиганите, откако минатата седмица, поради навивачки критериуми и поддржување ривалски тим, во Солун беше убиено 19-годишно момче, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово одржа состанок со надлежните министри, а владиниот портпарол Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека нивната цел е конкретните иницијативи да доведат до уште поголемо намалување на појавите на насилство.
-Справувањето со насилството од навивачите, но и насилството кај младите е наша должност кон општеството, а особено кон помладата генерација, но и кон здравата спортска заедница и милионите вистински навивачи во нашата земја, истакна Иконому.
Во вторникот вечерта, 19-годишниот Алкис до смрт беше претепан, но и прободен со нож, во близина на стадионот на неговиот омилен клуб Арис во Солун, што најверојатно била и причината за нападот, откако група хулигани, веројатно навивачи на ривалскиот ПАОК со прашањата за кого навиваат крвнички ги нападнале Алкис и неговите другари.
Грчката полиција досега, уапси девет од 11 осомничени лица за убиството.ср/сд/