• петок, 22 ноември 2024

Грчката Влада прави напори за итно ослободување на окупираните танкери во Персискиот Залив

Грчката Влада прави напори за итно ослободување на окупираните танкери во Персискиот Залив
Атина, 30 мај 2022 (МИА) – Министерствата за поморство и надворешни работи се целосно мобилизирани за итно ослободување на бродовите и екипажот, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите за двата танкери што пловат под грчко знаме, а во петокот беа окупирани во Персискиот залив, јави дописничката на МИА од Атина. Станува збор за танкерите „Prudent Warrior“ и „Delta Poseidon“, на кои девет члена на екипажот се грчки државјани, а веројатно, зад нападот стојат Чувари на исламската револуција. Иконому рече дека грчката Влада ги информирала сите бродови што пловат во тој дел да бидат внимателни. Мајка на еден од морнарите за грчката телевизија „Open“ рече дека успеале да стапат во контакт со нивниот син, дека сите членови на екипажот се добри, но и дека не знаат што ќе се случи. - Во петокот кога од воздух со хеликоптер влегоа на бродот, нормално сите се исплашиле кога одеднаш гледаш 18 вооружени лица. Им ги земале мобилните телефони и им рекле дека тие ќе даваат наредби. Подоцна им ги вратиле мобилните, но немаат никаков контакт со роднини, немаат интернет, вели мајката на еден од морнарите и додава дека сепак членовите на екипажот се движат слободно на бродот. Министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис вчера рече дека согласно последната комуникација, членовите на екипажот на двата брода се во добра здравствена состојба и истакна дека во тесна соработка со Министерството за надворешни работи, прават сè што е можно за ослободување и на морнарите и на бродовите. Паралелно додаде дека „нападот врз бродовите е јасно кршење на правилата на меѓународното право и е еднакво пиратски напад“. Според грчките медиуми, на едниот танкер има 25, а на другиот 23 члена на екипажот, девет се Грци, а еден е кипарски државјанин. Министерството за надворешни работи на Грција во петокот соопшти дека бил упатен демарш до Иран откако двата танкери што пловат под грчко знаме биле „насилно окупирани“ во Персискиот Залив и паралелно упати апел до грчките граѓани да избегнуваат патувања во конкретната земја. ср/

Остани поврзан