• понеделник, 23 декември 2024

Група апсолвенти „паднале“ на последниот испит поради недоразбирање околу вештачката интелигенција

Група апсолвенти „паднале“ на последниот испит поради недоразбирање околу вештачката интелигенција

Остин, 18 мај 2023 (МИА) - Професор на Универзитетот Еј енд Ем во Тексас (САД) не им дозволил на половина од студентите во апсолвентската група да положат, откако „Чет-ГПТ“ „утврдил“ дека вештачката интелигенција ги напишала нивните трудови. Тоа пак, според наводите, не е можно, и обвинувањата не се точни.

Во еден од безбројните примери на злоупотребата на чет-ботови и непознавање на нивните способности, проф. д-р Џеред Мам ги обвинил повеќе од половината негови студенти за мамење. Тој, имено, им испратил и е-пошта на засегнатите апсолвенти, каде што ги известил дека дел од нив ќе добијат нула поени за нивните извршени задачи бидејќи „ги пробил“ нивните наводни измами. Поради тоа, Универзитетот дури и го одложи издавањето на дипломите.

 „Ги копирав вашите одговори во 'Чет-ГПТ' и програмата ми кажа дека самата ја генерирала таа содржина“, вели Мам во е-поштата.

Кога студентите му пришле и му укажале дека не мамат, приложувајќи и „гугл док“ временски печат на датотеките, професорот одговорил: „Нема да ги оценувам вашите г**нарии од вештачката интелигенција“. Притоа Мам им понудил да ги повторат тестовите доколку сакаат да избегнат негативна оценка.

Како што објави РТС, сепак, „Чет-ГПТ“ не е дизајниран да ја прикажува и идентификува содржината генерирана од вештачка интелигенција, вклучително и од самиот него. Постојат специјализирани програми за ова, како што се „Винстон АИ“ и Контент ет скејл“, кои се специјално дизајнирани за таа намена.

Ова го признава и „Опен-АИ“, компанијата создавач на „Чет-ГПТ“. Програмата, исто така, може да биде „поттикната“ на целосно невистинити одговори и лажни тврдења, па дури и да фабрикува основен извор на пишани податоци, според „Вашингтон пост“.

Професорот Мам, кој предава Земјоделство и природни ресурси, не одговори на повиците на медиумите. Универзитетот во Тексас соопшти дека го истражува случајот.

„Ниту еден студент не бил исфрлен или одбиен поради ова. Професорот работи со студентите на утврдување дали е користена вештачка интелигенција при пишувањето на писмените задачи“, соопшти институцијата.

Доделувањето на дипломите, сепак, засега е запрено, додека не завршат поединечните истраги.  си/сд/

Остани поврзан