• недела, 22 декември 2024

Групација на осигурителни компании: При кумулативен пораст на цените од 61.5%, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Групација на осигурителни компании: При кумулативен пораст на цените од 61.5%, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

1 мај 2024

Комисијата за Автомобилска одговорност при Министерство за Финансии, 15 години не дала препорака на Владата за корекција на цените на авто осигурувањето. Од Групација на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат институциите да покажат поголемо разбирање за работењето на осигурителниот сектор, да ги земат во предвид сите доставени детални и сеопфатни анализи за цените на авто осигурувањето, и да се дојде до решение кое ќе подразбира имплементирање на реални, пазарни цени, кои ќе овозможат непречно сервисирање на штетите.

Во минатото во повеќе наврати осигурителните компании преку Националното биро за осигурување своите анализи ги имаат доставено до надлежните институции Министерство за Финансии, Комисијата за Автомобилска Одговорност при МФ и Агенцијата за Супервизија на осигурувањето.

Тие истакнуваат дека според Законот за Задолжително Осигурување во Сообраќајот, Член 46,  Комисијата за Автомобилска Одговорност има обврска еднаш годишно да прави анализи за тековните состојби,  и да  доставува до Владата предлог за утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност.
Но, и покрај горенаведените одредби, Комисијата не заседава еднаш годишно и при тоа минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години, поточно од 2008 година, кога беше намалена за 30%. Последната одлука за утврдување на минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност е донесена 09.09.2008 од страна на Владата на Република Македонија.

Тоа подразбира непроменетост на цените за осигурување од автомобилска одговорност од 2008 година, или цели 15 години, период во кој бележиме општ пораст на цените од 61.5%.

Фактот што голем дел од осигурениците имаат максимален бонус/намалување на премија од 50%, товарот од новите давачки кои ги плаќаат Осигурителните Компании, 2% према Фондот за здравствено осигурурување и 0,8% према регулаторот, порастот на минималната и просечната плата на вработените и на работната рака на сервисите и проценителите, во услови на замрзнати цени за авто одговорност ја доведува во прашање одржливоста и оправданоста на бизнисот Авто осигурување и долгорочното учество на осигурителните компании во овој сегмент.
 
Дека постоечките цени се непазарни и неодржливи потврдуваат и од Националното биро за осигурување кои информираат дека осигурителната индустрија во делот на осигурување од автомобилска одговорност во 2023 претрпела загуба во износ од 176 милиони денари.   Од таму се надеваат дека ќе се најде разбирање и дека ќе се земат предвид фактите и реалните анализи.

Осигурувањето е исклучително важен фактор за развој на економијата и општествените текови во земјата и ги заштитува граѓаните, државниот имот и бизнис секторот од немили настани. Затоа тоа мора да биде одржливо, стабилно и целосно спремно да одговори на барањата на осигуренците.

Исто така, јавноста треба да биде запознаена со податокот дека имаме најниска цена за авто осигурување во регионот. Во изминатите години е евидентиран раст на цените на автомобилите од 70% - 100%, на резервните делови за 100%, на платите  за  83%, индексот на трошоците на живот од 2008 до 2023 година е зголемен за 52,83%, нето трошоците за спроведување на осигурувањето за 215%, што ги прави неодржливи цените на автомобилското осигурување.
 
Осигурителните компании се надеваат дека Комисијата и Владата, односно Министерството за финансии, како професионални и кредибилни индтитуции, ќе направат уште еднаш сериозна анализа, и ќе ги земат во предвид сите факти и тековни состојби, и врз основа на нив ќе донесат препорака до Владата за промена на одлуката, и креирање реални цени.  Во спротивно, работење по нереални и 15 години непроменети цени нема да биде од корист ниту на граѓаните ниту на бизнис заедницата, ниту на државата.

Групација на осигурителни компании

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан